12 декември 2020, Скопје – Со Стратегијата за управување со јавен долг се дефинираат лимити за висината на трите нивоа на долг, државниот, гарантираниот како и на вкупниот јавен долг во следните пет години, и за структурата на долгот, во насока на прудентно управување со истиот. Согласно Стратегијата за јавен долг, што ја изработи Министерството за финансии, и во насока на политиките за фискална консолидација коишто ќе се спроведуваат, заклучно со 2025 година јавниот долг треба да се сведе под Мастришкиот критериум, односно да се намали на 58,8%. Државниот долг, пак, согласно Стратегијата, ќе се движи до 53,7% од БДП, по што ќе се стабилизира и ќе се сведе на 51% во 2025 година.
Во Стратегијата се наведува дека со цел да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост, се утврдува лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок којшто не треба да надмине ниво од 60% од БДП. Во документот се наведува и дека како резултат на економската криза предизвикана од ковид-19, во кризниот и посткризниот период може да има отстапувања од лимитот, како што е всушност и случај со скоро сите европски економии коишто го зголемија долгот за над 10 процентни поени. Сепак, преку мерките за фискална консолидација во 2024 година тој ќе се стабилизира за да во 2025 година истиот биде под лимитот.
Во однос на структурата на долгот, се дефинираат лимити за долгот запишан во странска валута, како и за висината на долгот запишана со фиксна каматна стапка. Согласно првиот критериум се утврдува дека за периодот 2021-2025 година, минималниот праг на долгот во евра во вкупното портфолио на државен долг во странска валута да изнесува 85%, додека во однос на каматната структура, минималниот праг на долгот со фиксна каматна стапка да изнесува 60%.
Стратегијата нотира дека во наредниот среднорочен период пристигнуваат за отплата поголеми износи како што се: 500 милиони евра во 2021 година за еврообврзницата издадена во 2014 година, 450 милиони евра во 2023 година за еврообврзницата издадена во 2016 година, како и 500 милиони евра коишто ќе треба да бидат обезбедени во 2025 година со цел рефинансирање на еврообврзницата издадена во 2018 година. Стратегијата воедно е насочена кон спречување поголем дел од финансиските обврски да достасаат одеднаш со истовремено обезбедување рамномерност на достасување на обврските по основ на долгот. Во периодот 2021-2025 година се очекува просечното време на достасување на долгот на централна влада да се зголеми од 5,7 години на крајот на 2020 година, на 5,9 години во 2021 година, а потоа од 2022 до 2025 година да има благо намалување како резултат на амортизирање на заемите со концесионални услови.
Стратегијата има за цел преку прудентно управување со јавниот долг истиот да се задржи на одржливо ниво. Таа предвидува финансирање на потребите на државата со најнизок можен трошок, идентификација, следење и управување со ризиците на кои подлежи портфолиото на јавниот долг и развој и одржување ефикасен домашен финансиски пазар.
Министерството за финансии и понатаму ќе работи во насока на оптимизација на портфолиото на долгот во насока на намалување на ризикот за рефинансирање, како и остварување дополнителни каматни заштеди.