Вести|

13 декември 2020, Скопје – На среден рок се проектира просечната стапка на економски раст да достигне 5%, невработеноста да се намали на 12,4%, додека стапката на вработеност да се искачи на 52,1%. Нето-платата во следните пет години се очекува да расте до просечна стапка од 4%. Извозот, по надминување на ковид-кризата, од следната година се очекува да расте со двоцифрени стапки. Овие проекции се дадени со ревидираната Фискална стратегија, којашто за првпат дава проекција за 5 наместо за 3 години, во насока на подолгорочно планирање.

Во Фискалната стратегија се наведува дека од следната година, економскиот раст во земјата се очекува да премине во позитивната зона, во услови на закрепнување на инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка, при што за 2021 година е проектиран раст од 4,1% согласно основното сценарио, коешто претпоставува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите. 

Во Стратегијата се наведува дека редизајнирањето на буџетската политика и политиките насочени кон економско заздравување и забрзан раст (SmartER Growth) се цврста основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, враќање на економијата на преткризната патека на раст во втората половина на 2022 година и обезбедување побрза динамика на економски раст потоа. Така, согласно основното среднорочно сценарио, просечниот годишен раст во периодот 2022-2025 година се проектира на 5,3%, односно економскиот раст во 2025 година се очекува да достигне 5,9%.

Согласно Фискалната стратегија, се очекува извозната активност, со исцрпување на неповолните економски ефекти од пандемијата и повисока искористеност на производствените капацитети на домашните компании, како и поради ниската споредбена основа, да забележи раст од 14% во 2021 година. Кон ова се очекува да придонесе и проектираниот раст на надворешната побарувачка во услови на позитивни изгледи за економската активност во ЕУ и останатите трговски партнери на земјата. На среден рок, во услови на очекувано стабилизирање на растот на надворешната побарувачка и зголемување на извозниот потенцијал во земјата преку прилив на СДИ, извозот се очекува да има солиден придонес врз економскиот раст, односно се предвидува да забележи просечен годишен раст од 9,1% на реална основа во периодот 2022-2025 година. 

Реалниот раст на бруто-инвестициите, во Стратегијата, е проектиран на 7,7% во 2021 година, а во периодот 2022-2025 година бруто-инвестициите се очекува да забележат просечен годишен раст од 8,5%, при што значајно влијание врз инвестициите е предвидено да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор, зголемената поддршка за развој на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, враќањето на довербата на деловните субјекти и поинтензивниот прилив на СДИ, поттикнат и од членството на земјата во НАТО.  

Од следната година се очекува раст и кај приватната и кај јавната потрошувачка и тоа за приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,5% во 2021 година, а во периодот 2022-2025 година проектиран е просечен годишен раст од 4%. Растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3% во 2021 година, а во периодот 2022-2025 година просечен раст од 1,5% – што се должи на напорите за намалување на несуштинските расходи и нивно рационализирање и спроведување процес на фискална консолидација. 

Според проекциите, во периодот 2021-2025 година се очекува просечен раст на бројот на вработени од 2,2%. Растот на побарувачката во овој период се очекува да се одрази и врз понудата на работна сила, којашто е проектирано да се зголеми за просечно 1,2% на годишно ниво. Ваквите движења на пазарот на трудот ќе придонесат просечната стапка на невработеност во 2025 година да се намали на 12,4%, додека просечната стапка на вработеност да се зголеми на 52,1%. 

Во Стратегијата, како клучни елементи на среднорочната фискална политика се наведуваат редизајнирањето на буџетската политика и фискалната консолидација, кои се во насока на поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија. Редизајнирањето на буџетската политика е во тесна врска со стратегијата за економско заздравување и забрзан раст, којашто е составена од четири столба: економско заздравување од ковид-19, забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и развој на човечките ресурси и еднакви можности. 

Предвидено е и етапно менување на структурата на буџетските расходи во насока на зголемување на уделот на капиталните инвестиции.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.

Close Search Window