Вести|

18 декември 2020, Скопје – „Нашата главна цел е, на среден рок, да го забрзаме економскиот раст од 2 до 2,5% во  последната деценија на 4 до 5% просечен годишен раст во следните пет години. Ова ќе го постигнеме преку Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст – SmartER Growth, чиј составен дел е и Буџетот за 2021 година“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на 4-та меѓународна конференција што се одржа во организација на Универзитетот „Мајка Тереза“, на тема „Како до одржлив развој“.

„Сега е најважно да се заштити здравјето на граѓаните, да се поддржи приватниот сектор и да се заштитат работните места. Ова се приоритетите коишто се поставени со првиот столб од Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст – SmartER growth. Вториот столб од Стратегијата „Забрзан, инклузивен и одржлив економски раст“ се фокусира на добро управување, макроекономска и финансиска стабилност, локален и рамномерен регионален развој, здрава животна средина и дигитализација на економијата. Третиот столб, пак, се фокусира на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, а четвртиот столб се фокусира на инвестициите во човечки капитал“, нагласи министерот и додаде дека со политиките и мерките што ќе се спроведат во рамки на Стратегијата ќе се постигне целта за побрз и одржлив економски раст.

На конференцијата поздравно обраќање имаше и ректорот на Универзитетот, Азиз Положани, кој се осврна на потребата од зајакнување на човечкиот капитал како главен фактор во постигнување одржлив развој.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.

Close Search Window