Вести|

17 јануари 2021, Тетово – Преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, којшто Министерството за финансии го спроведува заедно со Светска банка, општина Тетово набави пет автобуси за градски превоз во вредност од 720 илјади евра. Со ова, општина Тетово за првпат добива јавен превоз во градот со воведување три градски рути. На настанот за примопредавање на автобусите присуствуваа министерот за финансии, Фатмир Бесими и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Министерот за финансии во своето обраќање истакна дека на граѓаните на Тетово им се обезбедува една нова општинска услуга, којашто ќе придонесе за подобрување на условите за живот во општината.

– Со ова, на граѓаните на Тетово ќе им се обезбеди една нова општинска услуга, којашто ќе придонесе за: прво, безбеден превоз на патници, второ, поефикасен сообраќај во градот и трето, и особено битно, намалување на загадувањето. Исто така, со ова се отвораат и нови работни места за граѓаните во јавното претпријатие за транспорт. За набавката на автобусите преку проектот МСИП општина Тетово доби 72,6 милиони денари или 1,18 милиони евра. Со реализирање на јавната набавка постигната е пониска цена за автобусите од 44,3 милиони денари или околу 720 илјади евра, додека останатите средства општината има можност да ги искористи за друг проект – рече Бесими.

Градоначалничката на Тетово, Арифи посочи дека автобусите ќе бидат предадени на користење на локалното јавно-транспортно претпријатие „Тетово транспорт“. Со набавката на овие автобуси, Тетово за првпат добива јавен превоз за потребите на жителите на градот и околните населени места.

Планирани се три рути за одвивање на јавниот транспорт низ градот, коишто ги опфаќаат главните артерии на градот во сите делови. Првата рута е од автобуската станица на улица „Борис Кидрич“ до Универзитетот на Југоисточна Европа. Втората рута се движи по улиците „Борис Кидрич“, „Иво Лола Рибар“, „Страшо Пинџур“, ТЦ „Мерџан“, „Илинденска“ до Универзитетот ЈИЕ, улиците „Љуботен“, „Киро Ристоски Дрнц“, „Ѓорче Петров“, „Браќа Миладинови“, булевар „Видое Смилевски – Бато“, „29 Ноември“, „Благоја Тоска“, „Маршал Тито“, булевар „Видое Смилевски – Бато“ и повторно завршува кај автобуската станица на улица „Борис Кидрич“. Третата рута оди по улиците „Борис Кидрич“, булевар „Видое Смилевски – Бато“, „Маршал Тито“, „Благоја Тоска“, „29 Ноември“, булевар „Видое Смилевски – Бато“, „Браќа Миладинови“, „Ѓорче Петров“, „Киро Ристоски Дрнц“, „Љуботен“, „Илинденска“, Универзитетот на ЈИЕ и се враќа по „Илинденска“ до ТЦ „Мерџан“, потоа на ул. „Страшо Пинџур, „Иво Лола Рибар“, „Благоја Тоска“ и завршува кај автобуската станица на улица „Борис Кидрич“. Со овие три рути се покрива целата територија на Тетово.

Бесими посочи и дека ова не е првпат општина Тетово да реализира капитални проекти преку проектот МСИП . Досега општина Тетово има добиено околу 3 милиони евра за спроведување проекти во општината, како што се доизградба на булеварот „Видое Смилевски – Бато“, набавка на фотоволтаици, изградба на локални патишта и набавка на општинска механизација.

– Проектот МСИП има за цел обезбедување подобри услови за живот на граѓаните преку подобрување на општинските услуги. Преку овој проект се вложува во капитални инвестиции низ општините со цел да се подобрат услугите што тие ги нудат со што би се подобрил животот на граѓаните коишто живеат во нив. Се инвестира во локални патишта, водоводи, училишта, градинки, енергетска ефикасност, механизација и машини – односно сѐ што придонесува за општинските услуги. Овој проект трае повеќе години и има вкупна вредност од околу 100 милиони евра. Преку него се дејствува и на развојот на локалните економии и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните – рече Бесими.

Министерот за финансии посочи дека минатата година Проектот за подобрување на општинските услуги имал исклучително добра реализација на капиталните проекти од 98,75%. Завршени се 43 капитални проекти во 37 општини во вредност од над 10 милиони евра, од кои директна корист ќе имаат околу 150 илјади граѓани. Станува збор за опремувањеучилишта, градинки, изградба и реконструкција на локални патишта, на филтер станици, водоводни мрежи и други проекти што придонесуваат за подобрување на општинските услуги.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window