Вести|

21 јануари 2021, Скопје – Со 20 реформски мерки за здравството, образованието, социјалната заштита, пазарот на труд, за намалување на сивата економија, подобрување на деловната клима, иновациите, дигиталната трансформација, енергетика, транспортот и земјоделието во рамки на Програмата на економски реформи 2021-2023 ќе се работи на клучните реформски процеси во земјава, коишто ќе го интензивираат дијалогот со Европската Унија. Фокусот на новата Програма на економски реформи, чија изработка ја координира Министерството за финансии, ќе биде справувањето и надминувањето на последиците од кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19, како и поставување основи за забрзан и одржлив економски раст, зелена економија, дигитализација на процесите и општо подобрување на сите процеси и состојби во општеството.

Денес во Министерството за финансии беше одржана средба помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими, амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир и ресорните министри со цел да се разгледаат реформските мерки што ќе се имплементираат. На средбата учествуваа и вицепремиерот за економски прашања, Битиќи, министрите за економија, Бектеши, за информатичко општество, Шаќири, за транспорт, Бочварски, за образование, Царовска, за труд и социјална  политика, Шахпаска, за здравство, Филипче, како и директорите на Фондот за иновации и технолошки развој, Петров, на  Агенцијата за вработување Демири и на Бирото за јавни набавки, Хаџиев.

На средбата беше истакнато дека и покрај тоа што се соочуваме со светска здравствена и економска криза, сега е вистинско време за креирање реформи бидејќи полесно се гледаат критичните точки, како и дека е нужно да се гледа напред за да се изгради отпорно и одржливо општество.

Министерот Бесими посочи дека долгорочното планирање и поставувањето повеќегодишна рамка, каква што е онаа во Програмата за економски реформи, е неопходно за постигнување подобри резултати. Тој рече дека е потребно да се земе предвид севкупниот ефект на мерките и реформите врз општеството.

Министерот за финансии истакна дека со новиот Закон за буџети, со којшто се предвидува среднорочно буџетирање, ќе се надмине расчекорот помеѓу Програмата на економски реформи, којашто има среднорочна рамка, и едногодишната фискална рамка на Буџетот, што е од особено значење за подобра реализација на мерките.

На состанокот беше кажано дека во текот на следната недела, што е во рамки на предвидените рокови, Програмата на економски реформи ќе биде доставена до Европската комсија.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window