Вести|

29 јануари 2021, Скопје – Согласно веќе воспоставената практика за одржување  состаноци на Платформата за јавно-приватен дијалог секој месец, денес во Владата на Република Северна Македонија, министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши остварија средба со претседателите на четирите најголеми стопански комори (Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на Северозападна Македонија, Сојуз на стопански комори и МАСИТ), коишто се дел од оваа Платформа.

На денешниот состанок, министрите Бесими и Бектеши извршија презентација на предлог-економските мерки од петтиот пакет, поврзани со справување со кризата предизвикана од коронавирусот ковид-19. Министрите информираа дека во  предлогот се опфатени компании што бележат загуби поради пандемијата, како што се компании од угостителскиот сектор, туризмот, транспортни компании, компании за планирање и организација на настани,  медиуми, тутунари, спортски клубови, а во мерките ќе бидат планирани и бескаматни кредити со грант компонента за компаниите, даночни олеснувања за погодените сектори, царински олеснувања и усогласувања.

Во насока на одржување на добрата соработка помеѓу Владата, министерствата и стопанството, на состанокот се отвори дискусија за предлог-економските мерки од петтиот пакет, при што присутните претставници на стопанските комори изразија задоволство и согласување со предлогот, а министрите Бесими и Бектеши потенцираа дека финалниот и усогласен сет економски мерки, пред конечното објавување, уште еднаш ќе биде разгледан со сите засегнати страни и социјални партнери.

Предлог-петтиот пакет, којшто не е финално дефиниран, содржи околу дваесет мерки, коишто се таргетирани да ги поддржат секторите и граѓаните што се најпогодени од здравствената и социо-економската криза, со фокус на задржување на ликвидноста на компаниите и работните места, но и стимулирање на компаниите да продолжат да се развиваат и растат.

Оваа вест е достапна и на: English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window