Вести|

06 февруари 2021, Скопје – По објавувањето на повикот за аплицирање за субвенциониран станбен кредит преку „Купи куќа, купи стан“, интересот на граѓаните за проектот е голем. Ниските каматни стапки, субвенциите коишто изнесуваат и до 20 илјади евра (во денарска противвредност), дополнителната субвенција на месечната рата за секое новородено дете, како и моделите за млади се причините за големиот интерес за овој проект.

Оние граѓани коишто ќе го изберат моделот за субвенција на месечната рата, при отплата на кредитот во првите три години им се пресметува каматна стапка од 2,9 проценти, во следните две години 3,9 проценти, а во останатиот период од отплатата каматната стапка не е поголема од онаа на станбените кредити коишто ги нуди банката каде што аплицирале.

Притоа, за овој модел граѓаните, во зависност од тоа дали купуваат нов стан, или градат, купуваат или доградуваат куќа, на пример за кредит од 50 илјади евра добиваат субвенции коишто се движат од 8.500 до 20.800 илјади евра. За купување нов стан, граѓаните што имаат до или наполнети 35 години, добиваат субвенција што изнесува 70 проценти од месечната рата во период од 5 години, или за кредит од 50 илјади евра добиваат вкупно околу 12 илјади евра субвенција од државата. Граѓаните со наполнети 36 години или повеќе, првите 5 години добиваат субвенција во износ од 50 проценти од месечната рата или приближно 8.500 евра.

За изградба или за купување нова куќа од инвеститор, граѓаните до 36 години добиваат субвенција од приближно 20.800 евра, односно 60 проценти од месечната рата во првите три години, 50 проценти од ратата во следните пет години и 40 проценти во 9-та, 10-та и 11-та година од отплатата на кредитот. За доградба или надградба, граѓаните до 36 години, ќе добијат 50% од месечната рата во првите три години, 40% во следните 5 години и 30% во следните 3 години од отплатата на кредитот или вкупно околу 16.600 евра.

Оние граѓани со наполнети 36 години или повеќе, за купување или изградба на нова куќа добиваат субвенција од 80 проценти од месечната рата во период од пет години или вкупно 13.613 евра поддршка од државата, додека пак за доградба или надградба на куќа, државата дава поддршка во висина од 75 проценти од месечната рата во првите пет години од отплатата на кредитот или најмногу 12.762 евра.

Граѓаните што го избрале моделот за субвенција на учеството, за цело времетраење на исплатата на кредитот им се пресметува каматна стапка од 4 проценти зголемена за 6 месечен ЕУРИБОР. Субвенциите за овој модел изнесуваат и до 12.500 евра. Притоа граѓаните до и со наполнети 35 години за купување или изградба на нова куќа, но и за доградба и надградба добиваат 100 проценти субвенција на учеството или најмногу 12.500 евра, додека пак за стан добиваат 70 проценти од учеството или најмногу 8.750 евра.

Оние граѓани коишто на денот на аплицирањето веќе имаат наполнето 36 години или повеќе, за купување или изградба на нова куќа добиваат 80 проценти од учеството или најмногу 10 илјади евра, за доградба или надградба на куќа до 75 проценти или најмногу 9.375 евра, додека пак оние што аплицираат за стан добиваат 50 проценти од учеството или најмногу 6.250 евра.

Во однос на условите за аплицирање, согласно Законот, вкупниот месечен приход на лицето поединец коешто аплицира за субвенциониран станбен кредит треба да изнесува до 900 евра месечно, или доколку е во брачна заедница вкупните месечни приходи на брачните другари не треба да надминуваат 1.300 евра месечно. Продажната цена на станбениот објект со пресметан ДДВ треба да изнесува до 900 евра за метар квадратен, а кредитобарателот не треба да има во негова сопственост или во заедничка сопственост со брачниот другар стан или куќа. Лицето или неговиот брачен другар не треба да има подигнато друг станбен кредит на денот на поднесување на барањето за субвенциониран станбен кредит. Воедно, станбената површина не смее да надминува 150 м2.

Граѓаните за овој проект аплицираат во една од следниве осум банки: Тутунска банка, Стопанска банка, Шпаркасе банка, Охридска банка, Стопанска банка – Битола, ТТК банка, Прокредит банка и Силк Роуд банка. Минатата година беа одобрени 278 барања за субвенциониран станбен кредит. Од вкупно одобрените субвенции, 203 се однесуваат на субвенционирање на ратата, а 75 се за субвенционирање на учеството. Според намената, 259 субвенции се одобрени за купување нов стан, додека 19 за куќа. Вкупниот износ на одобрени субвенционирани станбени кредити од страна на деловните банки изнесува 10.595.107 евра, за кои се одобрени субвенции во износ од 1.508.011 евра.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window