Вести|

20 февруари 2021, Скопје – Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ- со стабилен изглед. Очекувањата на Агенцијата се дека македонската економија годинава ќе се врати на патеката на економски раст и ќе ги надмине шоковите од кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19. Исто така, ги посочува владините напори во насока на зајакнување на системот на јавни финансии, како што е новиот Закон за буџети којшто предвидува крупни реформи во насока на буџетското планирање и контрола на реализацијата.

Задржувањето на кредитниот рејтинг во континуитет и покрај ефектите од ковид-кризата се од исклучително значење, бидејќи тоа е позитивен сигнал за инвеститорите за состојбите и јасен показател за нивната доверба во политиките што се водат во земјава.

Од Агенцијата посочуваат дека по остриот пад во второто тримесечје од 2020 година, до крајот на минатата година економијата постепено заздравуваше. Нотираат дека индустриското производство во декември минатата година оствари позитивен резултат за првпат од почетокот на кризата во февруари 2020 година.

Во 2021 година, како двигатели на растот ги наведуваат опоравувањето на извозната активност, јавната потрошувачка и приватната потрошувачка, а нивните очекувања се дека годинава растот ќе изнесува 3,6%. „Стандард и Пурс“ посочува дека Република Северна Македонија е интегрирана во глобалните синџири на добавување, особено во автомобилската индустрија. Опоравувањето на автомобилската индустрија, како и на економиите на нашите најголеми трговски партнери како што е Германија, ќе придонесат за опоравувањето и на нашата економија.

Се очекува и домашната потрошувачка да го поткрепи растот. Како што наведува Агенцијата, антикризните мерки што ги презема Владата во 2020 година помогнаа да се зачуваат работните места и, воедно, дејствуваа како бафер – олеснувач при влијанието на кризата врз економијата.

Од Агенцијата истакнуваат дека очекуваат значајни владини инвестиции во инфраструктурата во периодот од 2021 до 2024 година, во насока на подобрување на инфраструктурата во транспортот, здравството и образованието со инвестиции од 3,2 милијарди евра или речиси 30% од проектираниот БДП за 2021 година. Исто така, наведуваат и дека Владата презема активности за подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции.

Во однос на буџетскиот дефицит, од „Стандард и Пурс“ велат дека очекувањата се дека истиот ќе се намали во 2021 година на 4,9% и дека согласно владините проекции ќе продолжува постепено да се намалува секоја година. Тие ги истакнуваат заложбите на Владата да ја зајакне фискалната рамка, посочувајќи го новиот Закон за буџети којшто предвидува воведување фискални правила и воспоставување Фискален совет.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window