Вести|

21 февруари 2021, Скопје – „Петтиот пакет-мерки има развојна компонента, односно е насочен кон закрепнување на економијата, инвестиции и развој. Тоа е важно да се испрати како порака, тоа го дискутиравме со коморите, и мислам дека тоа ќе биде една здрава основа не само за да излеземе од кризата туку и за да се обезбеди побрз раст во следниот период, нормално, придружено и со други структурни реформи коишто не се дел од мерките, но се дел од економската програма на Владата. Но за да успеат мерките треба да има соодветна реакција и од приватниот сектор“, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими во интервју за Македонската радио-телевизија.

Министерот информира дека Буџетот е во добра кондиција и оти реализацијата на приходите и расходите е согласно проекциите, но сепак треба да заврши месецот за да може да се направи споредба со минатата година.

Добрите економски политики коишто се преземаат во услови на ковид-криза се потврдени и со извештаите на агенциите за кредитен рејтинг.

„Агенцијата „Стандард и Пурс“ во последниот извештај го потврди кредитниот рејтинг на нашата држава којшто останува на исто ниво на кредитен рејтинг, со стабилен изглед за во иднина, и ова можам да го констатирам како успех во година на криза. Тоа е уште еден добар сигнал за стабилните политики во период на криза, што е многу важно од аспект на нашето присуство на меѓународниот финансиски пазар за финансирање на потребите на нашата економија“, нагласи министерот.

На прашањето во однос на реализацијата на мерката за финансиска поддршка за исплата на плати од аспект на механизмите на контрола за оние фирми коишто вршат злоупотреби и не ги исплаќаат платите, Бесими е дециден дека е повеќе од јасно дека тие што не ги исплатиле платите нема да имаат право да аплицираат воопшто, но и дека ќе одговараат пред институциите доколку сториле друг прекршок.

Министерот вели дека внимателно се следи реализацијата на мерките. Истите имаат позитивно влијание врз економската активност, што е видливо и во податоците за растот во третиот квартал од 2020 година споредено со претходниот, но и во податоците за бруто-инвестициите коишто во третото тримесечје забележаа огромен скок и коишто ако во вториот квартал бележеа пад од околу 35 проценти, во третиот квартал државните и приватните инвестиции бележат 4,2 проценти раст во споредба со 2019 година кога немаше ковид-криза.

„Влијанието на преземените мерки и политики врз ублажување на ефектите од ковид-кризата врз нашата економија се веќе евидентирани. Политиките коишто ги преземаме беа потврдени и од меѓународните финансиски институции ММФ, Светска банка и од агенциите за кредитен рејтинг како добро поставени политики коишто го ублажија ефектот на кризата“, истакна Бесими.

Очекувањата на светско ниво се дека ќе дојде до стабилизација на економијата. Министерот потенцира дека остануваат проекциите согласно кои за годинава се предвидува раст на економијата од 4,1 процент, но истовремено упатува порака дека растот нема да се постигне лесно.

„Постигнувањето на растот ќе биде проследено со многу предизвици, и од аспект на економската политика и од аспект на приватниот сектор и на пазарот на труд. Оваа година е специфична, со многу претпазливости од сите страни за да успееме во ова што го правиме. Затоа одиме со петиот пакет-мерки со развојна компонента, но за да успеат мерките треба да има соодветна реакција и од приватниот сектор“, вели тој.

Воедно нагласува дека главен приоритет е здравјето и оти здравствениот сектор ќе биде главна детерминанта за движењата на економијата.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window