Вести|

Согласно основното сценарио, годинава очекуваме раст на економијата од 4,1%. Секако, постојат и ризици. Тие главно се поврзани со здравствената криза, односно пролонгирањето на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Тоа би резултирало со ограничувачки мерки, реперкусии врз глобалните синџири на снабдување и надворешната побарувачка, влошени очекувања на деловните субјекти и на домаќинствата, како и намален прилив на инвестиции и парични дознаки од странство. Во услови на материјализација на ризиците поврзани со меѓународното окружување, односно преполовување на растот на надворешната побарувачка, закрепнувањето на домашната економија ќе биде значително забавено, но сепак годината би ја завршиле со позитивна стапка на економски раст.

Господине Бесими, домашната економија сѐ уште е во некаков грч од неизвесноста што ја предизвикува пандемијата. Бавниот тек на имунизацијата сѐ уште не дозволува да зборуваме за економски раст, туку и годинава продолжуваме да се занимаваме со антикризни мерки како спасување работни места и компании. Какви се Вашите очекувања, колку ќе се пролонгира економското заздравување?

– На работите треба да гледаме реално. Основното макроекономско сценарио на Министерството за финансии е реалистично сценарио. Според него, со почетокот на имунизацијата се очекува да расте и довербата кај инвеститорите и потрошувачите, што ќе резултира со закрепнување на инвестициите и приватната потрошувачка. Со закрепнувањето на нашите трговски партнери ќе расте и надворешната побарувачка. Како што изминува времето, се очекува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети и поволни ефекти од економските мерки. Согласно основното сценарио, годинава очекуваме раст на економијата од 4,1%.

Секако, постојат и ризици. Тие главно се поврзани со здравствената криза, односно пролонгирањето на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Тоа би резултирало со ограничувачки мерки, реперкусии врз глобалните синџири на снабдување и надворешната побарувачка, влошени очекувања на деловните субјекти и на домаќинствата, како и намален прилив на инвестиции и парични дознаки од странство. Во услови на материјализација на ризиците поврзани со меѓународното окружување, односно преполовување на растот на надворешната побарувачка, закрепнувањето на домашната економија ќе биде значително забавено, но сепак годината би ја завршиле со позитивна стапка на економски раст.

Исто така, значаен фактор е и членството во НАТО, коешто може да има силно влијание врз инвестициската активност, во спрега со спроведувањето на структурните реформи.

Во однос на петтиот пакет-мерки, покрај поддршка на стопанството и граѓаните, тој има и развојна компонента, односно дизајниран  е да ги поттикне ревитализацијата и економскиот раст. Ако во претходните пакети мерките беа насочени кон зголемување на ликвидноста на фирмите и зачувување на работните места, во петтиот пакет тие истовремено ја стимулираат и инвестициската активност.

Колку е реално остварлива стапката на економски раст од 4,1% што ја планирате за годинава ако се знае дека корона–кризата несомнено ќе трае најмалку во првиот квартал?

– Проекцијата на Министерството за финансии за раст на економијата од 4,1% е врз основа на претпоставки дека по првото тримесечје ќе почнат да слабеат ефектите од здравствената криза и соодветно на тоа ќе почне да се враќа довербата на инвеститорите, како и да се намалува преголемата претпазливост на потрошувачите. Проекцијата е во линија со проекциите на останатите меѓународни финансиски институции. Тие се движат од 5,5% на ММФ до 3,6% на Светска банка.

Согласно последниот преглед на Меѓународниот монетарен фонд за глобалната економија од јануари 2021 година, кризата ќе почне да бледнее во првото полугодие од годината, додека потенцијалот за раст ќе се зголеми во втората половина, особено со зголемување на достапноста на вакцините и намалувањето на ригорозните мерки за социјално дистанцирање. Со растот на достапноста на вакцините, подобрените терапии, растот на бројот на тестовите, се очекува локалната трансмисија да биде доведена до ниско ниво.

Исто така, тенденцијата на постепено враќање на цените на суровините на светските берзи од преткризниот период укажува на раздвижување на економијата. Така, движењата на цената на нафтата, како и цените на основните метали, односно на примарните производи укажуваат на раздвижување на индустријата во светски рамки, а секако има и позитивен контекст за домашниот извоз. Од друга страна, намалувањето на цената на златото на светските берзи укажува на подобрување на очекувањата на економските субјекти за светската економија.

Процесот на подобрување на состојбите во нашата економија започна уште минатата година. Бруто-инвестициите во третиот квартал од 2020 година забележуваат раст од 4,2%, што доаѓа по високиот пад од над 30% во второто тримесечје од 2020 година, а се должи на раст на инвестициите во градежни работи, како и во машини и опрема. Ублажен е и падот на потрошувачката, главно поради високиот раст на јавната потрошувачка од 13,5%. Четвртиот квартал од 2020 година, согласно високофреквентните (месечни) податоци, има понатамошно подобрување на состојбите од аспект на надворешнотрговската размена и од аспект на индустријата и искористеноста на капацитетите. Позитивните тенденции продолжија и во првиот месец годинава, а во подобрувањето на состојбите свој удел имаат и досега преземените четири пакети антикризни мерки.

Минатата недела добивме уште една потврда на кредитниот рејтинг на земјава од страна на агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“, што е од посебно значење во време на светска економска криза, особено во очите на инвеститорите. Очекувања на Агенцијата се дека македонската економија годинава ќе се врати на патеката на економски раст и ќе ги надмине шоковите предизвикани од пандемијата на ковид-19. Тие прогнозираат дека закрепнувањето на автомобилската индустрија, што силно влијае на нашиот извоз, како и растот на домашната потрошувачка, ќе бидат двигатели на растот.

Владата го усвои петтиот пакет антикризни мерки. Што е различно од досегашните владини мерки и како тие ќе ѝ помогнат на еконoмијата?

– Петтиот пакет-мерки е во насока на катализирање на процесот на ревитализација. Пакетот има неколку цели: (1) да даде директна финансиска поддршка на компаниите со цел задржување на работните места, (2) финансиска поддршка за зголемување на ликвидноста во приватниот сектор, (3) поддршка на куповната моќ на социјално ранливите категории граѓани и (4) креирање поповолно деловно окружување.

Петтиот сет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра, од кои 91,7 милиони се со директни фискални импликации.

Носечките мерки во овој пакет имаат развојна компонента. Така, мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за февруари и март 2021 година предвидува компаниите коишто ќе инвестираат, да ја добијат финансиската поддршка како субвенција. Исто е и со мерката бескаматни кредити – компаниите коишто ќе инвестираат или ќе отворат нови работни места ќе добијат неповратни средства.

Пакетот предвидува и низа други мерки во насока на подобрување на ликвидноста на стопанството, зголемување на конкурентноста и поттикнување на инвестициите. Предвидена е директна финансиска поддршка за повеќе сектори, зголемување на фондот на грантовата шема, фондот за поддршка на извозот, укинување царини за повеќето суровини итн.

Каква е досегашната реализација на претходните антикризни мерки? Колкава е сумата што ја исплати државата како помош за фирмите и граѓаните од предвидените 10% од БДП и какви се ефектите од неа?

Во текот на 2020 година беа донесени четири пакети антикризни мерки, насочени кон заштита на работните места во економијата, заштита на најранливите категории, зголемување на ликвидноста во стопанството и поддршка на домашната економска активност. Главно, мерките гравитираа околу доделување неповратни средства и субвенционирање на туризмот, транспортот и угостителството, поволни кредити и бескаматни кредити за малите и средните претпријатија и фирмите коишто покажуваат евидентни ефекти од кризата врз резултатите од работењето, задржување на работниците преку финансиска поддршка за исплата на плати, финансиска поддршка на оние што ги изгубија работните места, финансиска поддршка на ранливите категории граѓани, поттикнување на реализацијата на јавните инвестиции, раст на јавната потрошувачка и различни стимули за поттикнување на приватната потрошувачка.

Прoектираната вредност на сите четири пакети е околу милијарда евра или околу 10% од БДП, и тоа првите три пакети се проценети на 550 милиони евра, додека четвртиот на 470 милиони евра. Секоја земја преземаше мерки согласно расположливиот фискален простор. Во согласност со податоците на ММФ, фискалниот стимул во земјите во регионот се движи од 2,4% од БДП во Бугарија, 2,8% во Албанија, 3% Босна и Херцеговина, 3,7% во Црна Гора, 4,1% Косово, Хрватска со 7%, ние со околу 10%, Србија на слично ниво со 11,3% и Словенија и Грција со околу 14% од БДП. Со тоа што кај Словенија и кај Грција има значително зголемување на државниот долг од почетокот на кризата за 13 процентни поени, односно за 19,4 п.п. респективно и државниот долг на Словенија на крајот на третиот квартал изнесува 78,5% од БДП, додека на Грција 199,9% од БДП. Кај другите земји во регионот тој се движи од 90,8% во Црна Гора, 56,8% во Србија, во Република Северна Македонијa изнесува 51%, во Босна и Херцеговина 38,9% и во Косово 22,1%, според податоците на европската статистичка агенција „Еуростат“. Согласно овие податоци, може да се види дека кај нас е направен добар баланс помеѓу стимулативните пакети и задржувањето на долгот на едно ниво, коешто на среден рок ќе се стабилизира и нема да претставува закана или пречка за понатамошниот економски развој и макрофинансиската стабилност.

Покрај мерките што ги преземаа фискалните власти, дополнителна поддршка кон ублажување на ефектите од корона-кризата имаа и мерките што ги преземаа монетарните власти. Намалувањето или задржувањето на референтната каматна стапка на ниско ниво и дополнителните мерки преку други инструменти на монетарната политика, придонесоа за одржување на ликвидноста во економиите. Така на пример, Европската централна банка преку нејзините каматни стапки водеше приспособлива монетарна политика во насока на поддржување на економијата, односно цело време ја одржуваше на негативно ниво. Со тоа се влијаеше врз останатите каматни стапки, на пример ЕУРИБОР остана негативен за цел кризен период а со тоа и трошоците за финансирање беа поволни. Оваа поставеност на монетарната политика влијаше врз зголемената понуда на пари на финансиските пазари што придонесе за намалување на каматните стапки и трошоците за позајмување на земјите за финансирање на економските мерки. Истовремено, ниската инфлација овозможи монетарната политика да биде поактивна во борбата против ефектите од пандемијата.

Заклучно со минатата година, од Ковид-19 програмата на Владата, исплатени се 292 милиона евра или над 95% од буџетираните по основ на финансиска поддршка за исплата на плати, финансиска поддршка за ранливи категории граѓани, мерки за поддршка на фирми, финансиска поддршка на граѓаните коишто ги загубија работните места како резултат на кризата итн. Преку Развојната банка се одобрени над 85 милиони евра по основ на бескаматни кредити и евтини кредити. Мора да се земе предвид дека вкупниот фискален стимул ги опфаќа не само директните буџетски трошоци, туку и даночните олеснувања и ослободувања, расположливите гаранции и сл. Така на пример, државната гарантна шема шесткратно ги мултиплицира средствата предвидени во фондот, односно со тие средства ќе се гарантира шестпати повисока сума на кредити за компаниите.

Во однос на ефектите од четирите пакети мерки, поддршката кон населението и фирмите резултираше со ублажување на негативните последици на пандемијата врз доходот и потрошувачката на домаќинствата и активноста на деловните субјекти. Оттука, се проценува дека преку реализацијата на овие мерки падот на економската активност е ублажен, односно падот на економската активност би бил подлабок за околу 2 процентни поена во 2020 година.

Стапката на невработеност, по зголемувањето во второто тримесечје, во третото тримесчје бележи одредено намалување, со што просечната стапка на невработеност во првите девет месеци изнесува 16,5%, што претставува намалување од 1 процентен поен во споредба со истиот период претходната година. Тоа е неспорен доказ дека многу работни места сепак беа зачувани.

Просечната бруто и нето-плата продолжија да растат во континуитет во текот на целата година. Годишната стапка на раст на нето-платата во ноември 2020 година изнесува 7% или е за околу 1.800 денари повисока во однос на просечната нето-плата исплатена истиот месец во 2019 година. Континуираниот раст на просечната плата, и покрај кризата, се должи и на мерките што ги преземаше Владата со цел финансиска поддршка за исплата на плати и субвенционирање придонеси.

Каква е динамиката на полнење на Буџетот од почетокот на годинава, колку приходите отстапуваат од планираното со оглед на продолжената криза?

 На почетокот на годината има нешто послаба наплата на даночните приходи за 3% во однос на јануари 2020 година, но од друга страна, треба да се има предвид дека споредбената основа е пред почетокот на кризата, кога е остварен висок годишен раст од 7,3%.

Реализацијата на даноците и придонесите заклучно со крајот на минатата недела, односно 19-ти февруари, е за околу 2% повисока од истиот месец лани, но треба да ја видиме и реализацијата до крајот на месецот.

Во однос на расходната страна, сите обврски на државата се сервисираат редовно и навремено. Покрај редовните обврски, се исплаќаат и мерките од четвртиот пакет коишто продолжија годинава.

Минатата година беше кризна и за нас и за целиот свет. Сите економии во светот имаа пад на приходите, а од друга страна, поради потребите за здравството и за антикризните социјални и економски мерки, се зголемуваа расходите. Кај нас, најкритични беа април и мај 2020 година, кога се применуваа најрестриктивните здравствени мерки, како на пример, неколкудневните карантини. Тогаш падот на наплатата на даночните приходи беше за над 20% во споредба со истите месеци претходната година. Во летните месеци имаше подобрување, со исклучок на август, а подобрувањето продолжи и во текот на последниот квартал од 2020 година, со раст на приходите во декември во споредба со истиот месец претходната година. Кризата сè уште се чуствува, но се гледа подобрување и тенденција кон ревитализација на економијата. Ние внимателно ги следиме движењата на дневна основа.

Очекувате ли Буџетот да се реализира  така како што е планирано без да се менува во текот на годината со ребаланс, и особено капиталните инвстиции како значаен поттик на економската активност?

– Уште кога го презентиравме Буџетот за 2021 година, беше посочено дека во текот на 2021 година ќе има ревидирање на билансот согласно тековните состојби. Ребалансот не е невообичаена активност и ако погледнете наназад, во изминатите 15 години нема ниту една година да не се правел ребаланс. Во кризните години, како 2009 и 2020 година, имало по два ребаланса годишно. Тоа е приспособување на државната каса на реалните прилики – доколку има повисоки приходи треба да се распределат на позиции каде што ќе донесат повисока додадена вредност, ако некои средства не се користат, треба да се насочат кон позиции коишто имаат подобра реализација итн.

Во однос на капиталните расходи, имаме стратегија за подобрување на нивната реализација и петгодишен план за јавни инвестиции вреден 3,2 милијарди евра, во којшто се вклучени стратешките капитални проекти од областа на транспортната, здравствената и образовната инфраструктура. Подобрување на реализацијата на капиталните проекти може да имаме само ако имаме добар долгорочен план, механизми за следење на реализацијата и јасни правила за наградување и казнување на буџетските корисници согласно нивните перформанси. Како што споменав, имаме план во однос на механизамите за следење, имаме инвестициски комитет за следење на извршувањето преку методологијата за паметни клучни индикатори за успешност (Smart Key Performance Indicators).

Во однос на наградувањето или „казнувањето“ на буџетските корисници за реализацијата, односно потфрлањето во однос на капиталните инвестиции, во Законот за извршување на буџетот за тековната година имаме предвидено иновативен механизам. Ако буџетските корисници, заклучно со првото тримесечје, не реализираат најмалку 15 проценти од планираните капитални расходи, до второто најмалку 40 проценти и до третото најмалку 65 проценти, средствата ќе им бидат земени и насочени кон проекти коишто имаат солидна реализација.

Што предвидува новата Стратегија за реформи во финансиите?

– Во време на најголемата криза од Големата депресија досега, клучни прашања се: 1. како да заздрави економијата, 2. како да се врати на патеката на раст, 3. како тој раст да се забрза и 4. како да биде одржлив и инклузивен. Поставувањето јасни цели е клучно за креирање стратегија, а потоа и на план за дејствување. Добрата стратегија, пак, се разбира, како и деталниот и издржан план се основа за успешен исход, доколку се спроведат како што треба.

Во Министерството за финансии работиме според СМАРТ концептот, концепт којшто се базира на пет принципи – стратешко работење, одржливост односно континуитет, одговорност, ориентираност кон реформи и транспарентност. Суштината е да се дејствува така што однапред ќе се планира за подолг период, ќе се антиципираат сите исходи, ќе се мерат резултатите, како од аспект на реализација така и од аспект на нивниот импакт врз останатите процеси и сето тоа ќе биде проследено со континуиран напор за зголемување на транспарентноста.

Целите и приоритетите што ги предвидовме се седум: 1. економски раст и развој; 2. смарт финансии (односно одговорно управување со јавните финансии: јавен долг, ликвидност, капитални расходи, среднорочно буџетирање, праведен и ефикасен даночен систем, транспарентност и отчетност); 3. фискална децентрализација; 4. развој и либерализација на финансискиот пазар; 5. сузбивање на неформалната економија; 6. дигитализација на јавните финансии и 7. зајакнување на институционалните и човечките капацитети на Министерството.

Во однос на стратегијата за смарт финансии, веќе се преземаат и ќе се преземаат голем број  активности, како што се спроведување на Програмата за управување со реформите во јавните финансии (во рамки на којашто се новиот Закон за буџети и системот ИФМИС  – Интегриран систем за управување со јавните финансии), петгодишна Фискална стратегија и петгодишна Стратегија за управување со јавниот долг, Стратегија за даночна реформа, воведување Методологија за оцена на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст наречена ПИМА (Public Investment Management Assessment, PIMA), како и Методологија за оцена на реализацијата на капиталните инвестиции преку паметни клучни индикатори за успешност (Smart Key Performance Indicators).

На крајот, би сакал да потенцирам дека визијата на Министерството за финансии е со реализација на прогресивни идеи од својот домен да придонесе за зајакнување на функционалната пазарна економија којашто се темели на знаење, иновации и одржлив развој. Оваа визија ја преточуваме во среднорочни стратегии и годишни акциски планови, коишто ги дизајнираме низ инклузивен процес, со учество на сите засегнати страни. Инклузивниот процес во дизајнирањето на главните стратешки насоки, спроведувањето на политиките базирани на докази и фискалната транспарентност се демократски придобивки, коишто ќе постават стандарди за сите идни креатори на реформите во системот на јавните финансии.

Министерството за финансии подготвува и нова Даночна стратегија. Што ќе значи тоа за даночните обврзници? 

– Главната цел на даночната политика е обезбедување одржлив економски раст и развој, притоа обезбедувајќи правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи.

Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021-2025 година, којашто е усвоена од Владата, а за која претходно имавме и јавна расправа, содржи пет приоритети за креаторите на даночната политика и органите, коишто ги администрираат јавните приходи во периодот 2021-2025 година, заедно со нивните клучни активности, резултати, одговорни субјекти и клучни индикатори за учинок.

Прв приоритет е поголема праведност во оданочувањето, со цел да се обезбеди секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот. Очекуваните резултати се повторна оцена на моделот за праведно оданочување, имплементација на стандардите за спречување ерозија на даночната основа и преместување на профитот (БЕПС), усогласување на националното законодавство со наднационалното законодавство на Унијата и сл.

Вториот приоритет е поголема ефикасност и продуктивност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, преку поефикасна борба против нерегистрираните дејности и затајување данок и зајакнат институционален капацитет, анализа и доуредување на даночната основа, намалување на заостанатите даночни обврски и спроведување  регистар на вистински сопственици. Некои од мерките предвидени за подобрување на ефикасноста и продуктивноста на системот за наплата на даноците се: преглед на постојната даночна регулатива, воведување напредни технологии, зајакнување на капацитетите на институциите, модернизација и автоматизација на работните процеси, засилена институционална координација, како и подобра соработка на меѓународно ниво.

Трет приоритет во Даночната стратегија е зголемена даночна транспарентност, што вклучува подобрување на размената на информации помеѓу даночните органи и други субјекти, којашто во прв ред ќе се заснова на електронски услуги и дигитализација на процесите. Овој приоритет се очекува да доведе до зголемена фискална писменост и поголема доброволна даночна усогласеност.

Следен, или четврт, приоритет е подобар квалитет на услугите, на начин којшто ги поедноставува и забрзува постапките и го намалува административниот товар. Целните резултати се поголем степен на дигитални услуги, подобро управување со издавањето  увозно-извозни дозволи, елиминирање на непотребните нетарифни бариери и подобра внатрешна и даночна контрола.

Последен, или петти, приоритет е воведување еколошко („зелено“) оданочување, со цел стимулирање на даночните обврзници да ги намалат активностите, коишто придонесуваат за загадување на животната средина. Главната цел е справување со загадувањето и заштита на природните ресурси. Дополнително, како резултат на ова може да се очекува и зголемување на буџетските приходи.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window