Вести|

4 март 2021, Скопје – Кредибилитетот на инвеститорите во нашата економија и политиките што се спроведуваат расте, согласно тоа се намалува каматната стапка по којашто би купиле еврообврзница од нас. Осмата еврообврзница ја издадовме по убедливо најниска каматна стапка од 1,625 %, којашто е неколкукратно пониска од сите претходно издадени еврообврзници од земјава, но истовремено е пониска и од каматните стапки по коишто другите земји од регионот неодамна издадоа еврообврзници. Доколку се направи споредба со еврообврзницата од 2014 година, којашто треба да се рефинансира со оваа, каматната заштеда е 82,25 милиони евра, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на денешната прес-конференција по повод издавањето на осмата еврообврзница.

– На вчерашната аукција имавме за 2,3 пати повисока побарувачка од страна на меѓународните инвеститори. Имено, ако понудата за осмата еврообврзница беше 700 милиони евра, побарувачката беше 1,6 милијарди евра од страна на над 130 меѓународни инвеститори. Она што е особено охрабрувачки од аспект на меѓународниот пазар на капитал е дека за само 9 месеци има значително подобрување на перспективите на нашата економија и нејзиниот потенцијал кај меѓународните инвестори. Така, каматната стапка на седмата  еврообврзница, којашто беше издадена на почетокот на корона-кризата во јуни 2020 година, изнесуваше 3,625%. Сега каматната стапка е 1,625%, или за 2,05 процентни поени помалку. Во овој период се донесоа и почнаа да се спроведуваат третиот, четвртиот и петиот пакет антикризни мерки, коишто, заедно со другите политики, влеваат сигурност за нашата економија кај инвеститорите. Оттаму, цената на капиталот што ни го позајмуваат е по исклучително пониска каматна стапка, којашто е приближно иста со цената на домашните државни хартии од вредност со слична рочност. Во споредба со други еврообврзници издадени во време на светската економска криза, односно еврообврзницата издадена во 2009 година, којашто има каматна стапка од 9,875%, разликата е уште поизразена, рече министерот.

Тој посочи дека ако се направи споредба со други економии од регионот и пошироко, коишто издадоа еврообврзници во последните неколку месеци, нашата економија ужива поголема доверба кај инвеститорите, односно пониска каматна стапка.

– Минатата недела Хрватска издаде две еврообврзници од по милијарда евра, од кои едната со каматна стапка од 1,75% додека другата од 1,125%. Понатаму, минатата недела и Србија излезе на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзница од милијарда евра и постигна каматна стапка од 1,65%. Еврообврзниците што ги издаде Турција кон средината на јануари годинава, од по 1,75 милијарди евра, беа со каматни стапки од 4,75% и 5,875%. Во декември минатата година, Украина издаде еврообврзница од 600 милиони евра со камата од 7,253%. Црна Гора на почетокот на декември минатата година издаде еврообврзница во износ од 750 милиони евра со камата од 7,253%. Понатаму, Романија кон крајот на ноември издаде две еврообврзници, едната во износ од милијарда и пол евра со каматна стапка од 2,625 и другата од милијарда евра со каматна стапка од  1,375%. Турција, исто така, во ноември минатата година издаде еврообврзница во износ од 2,3 милијарди евра со каматна стапка од 5,95% и Србија од 2 милијарди евра со каматна стапка од 2,125%, рече Бесими.

Министерот посочи дека, иако сумата на осмата издадена еврообврзница е 700 милиони евра, нето-повлекувањето по основ на оваа еврообврзница е 200 милиони евра. Имено, со средствата од осмата еврообврзница ќе се рефинансира еврообврзницата издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра. Еврообврзницата од 2014 година е издадена со каматна стапка од 3,975% со рочност од 7 години, или за 2,35 процентни поени повисоко во однос на еврообврзницата издадена сега, што значи дека по основ на камата ќе се заштедат скоро 82,25 милиони евра.

– Кога се носеше Буџетот за 2021 година, беше посочено дека покрај буџетскиот дефицит од 568,1 милион евра, којшто се должи главно на потребите поврзани со ковид-кризата, треба да се отплати надворешен долг во вкупен износ од 605,6 милиони евра, во којшто влегува и еврообврзницата од 2014 година, и отплата на домашен долг од 99,5 милиони евра по основ на претходно издадени државни хартии од вредност и структурни обврзници. Остатокот од средствата ќе се обезбедат преку издавање државни хартии од вредност на домашниот пазар, поволни развојни кредити од меѓународни организации и користење депозити коишто ги оставивме како резерви (бафери) во 2020 година, изјави министерот Бесими.

Заедно со преземните обврски и отплатата на обврските што достасуваат, проекциите на Министерството за финансии покажуваат дека државниот долг на крајот на годината ќе изнесува 53,2%, додека јавниот 63,4%.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window