Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска ја завршија работната посета на Луксембург со работен состанок со менаџерскиот тим на компанијата „Интелиџент сенсинг солушн“ (Intelligent Sensing Solutions – IEE S.A).
На средбата со раководството на компанијата, којашто има висок рејтинг во сферата на иновативните технолошки решенија во автомобилската индустрија, како и во сферата на напредната медицинска технологија, беа презентирани можностите за инвестирање во Северна Македонија. Премиерот Заев и министерот Бесими ги претставија погодностите што Северна Македонија им ги нуди на инвеститорите.
Средбата со менаџерите на „Интелиџент сенсинг солушн“ се одржа во Стопанската комора на Луксембург, на којашто присуствуваше и претседателот на комората, Карло Телен, којшто покажа дополнителен интерес за поблиска соработка на компаниите од двете земји преку потесна соработка на коморите.