Вести|

17 март 2021, Скопје – Подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините, зголемување на фискалната дисциплина, како и на транспарентоста и отчетноста во нивната работа – ова се трите столба од реформата за унапредување на фискалната децентрализација, процес којшто го спроведува Министерството за финансии и за којшто достави информација до Владата, и истиот беше разгледан и усвоен на вчерашната владина седница. По ова ќе следи процес на јавни консултации и расправа со ЗЕЛС и засегнатите страни, а во координација со Работната група за продолжување на процесот на децентрализација формирана од страна на Владата во којашто учествуваат министерствата за политички систем, за финансии, за локална самоуправа и ЗЕЛС.

Првиот столб, или подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините, ќе се спроведе преку повеќе активности коишто предвидуваат раст на средствата што им се распределуваат на општините од наплатените давачки во централниот буџет, зголемување на сопствените приходи на општините и формирање фондови коишто ќе го поддржуваат добриот перформанс.

Планирано е постепено зголемување на процентот што го добиваат општините од приходите од персонален данок на доход, наплатен од физичките лица пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште во општината.

Исто така, постепено ќе се зголемува и стапката на дотација од наплатениот ДДВ, согласно перформансот на општините. Имено, планирано е формирање два фонда – Фонд за перформанси и Фонд за изедначување. Општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи ќе добијат средства од Фондот за перформанси, а од Фондот за изедначување ќе се обезбедат средства за општините коишто имаат пониски приходи, но истите покажуваат фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи.

Ќе се дејствува и кон зголемување на сопствените приходи на општините и кон изнаоѓање  нови локални приходи според добрите практики од ЕУ и подобрување на критериумите за распределба на доделените средства за пренесените надлежности во областа на основното и средното образование, културата, детската заштита и заштитата на стари лица и противпожарната заштита.

Вториот столб, којшто е во насока на зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење, предвидува активости во насока на мерки за реално планирање на приходите и расходите на општините, рационализација во работењето и намалување на непотребните расходи, редовно сервисирање на долговите, поголема финансиска дисциплина, процедури за прогласување финансиска нестабилност, издавање општинска обврзница и анализа на постојните обврски на општините и јавните претпријатија.

Во насока на зголемување на транспарентноста и отчетноста, ќе се зголеми контролата од страна на државата, особено од страна на Финансиската инспекција во поглед на Законот за пријавување и евиденција на обврските и пријави за непочитување на Законот за финансиска дисциплина, ќе се носат мерки за зголемување на транспарентноста на општините преку објавување на финансиските извештаи на транспаретен и разбирлив начин, а ќе се дејствува и кон поголема отчетност за користење на буџетските средства.

Еден од приоритетите во Програмата на Владата на Република Северна Македонија 2020-2024 е продолжување на процесот на децентрализација, во насока на повисока демократизација, подобри јавни услуги и засилен локален развој. Целта е надлежностите да се пренесат на нивото на управување коешто е најблиско до граѓаните. Во наредниот период ќе се продолжи со политиките за развој на општините, односно фискална децентрализација и рамномерен регионален развој, со цел зајакнување на финансиските извори на општините, но воедно и зголемување на одговорноста и транспарентноста на нивното работење.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window