Вести|

25 март 2021, Скопје – Буџетот е ликвиден и редовно ги сервисира сите потреби, пензиите дури и предвремено, додека наплатата на приходите од почетокот на годината до 22 март е повисока за 3,3% во однос на преткризниот период лани, посочува заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски во интервјуто за Дневникот на Сител.

– Вкупните приходи се реализираат за 3,3 проценти повисоко од истиот период минатата година и тоа се должи, пред сѐ, на даночните приходи коишто се повисоки за 4,3 проценти во однос на лани, што пак се должи на растот на ДДВ од 9,8 проценти и данокот на добивка од 3,2 проценти при што, исто така, за 4,4 проценти се зголемени и увозните давачки. Придонесите, исто така, се на повисоко ниво и се повисоки за 3,3 проценти во однос истиот период минатата година, рече заменик-министерот за финансии додавајќи дека расходите се извршуваат редовно и навремено, а дека некои се извршуваат и предвремено како што се пензиите, коишто со одлука на Владата ќе се исплатат на 29 март.

Тој информира дека дефицитот се реализира согласно планираната динамика, како што е предвидено во Буџетот за 2021 година.

– Засега сѐ се одвива согласно претпоставките и процените на Министерството за финансии. Предвидената стапка на економски раст од 4,1 процент ние во овој момент сметаме дека ќе биде остварена, со тоа што постојано на дневна база будно ја следиме ситуацијата и доколку има пролонгирање на здравствената криза тогаш секако ќе постојат корективни мерки – рече Ковачевски.

На дневно ниво, дополни, секој може да ја следи реализацијата на приходите, расходите, капиталните инвестиции и јавниот долг во државата преку Фискалниот бројач, што, како што рече, од една страна дава големо ниво на транспарентност како на многу малку места во светот, а од друга страна им дава доволно информации и сигурност на граѓаните и на компаниите во врска со водењето на јавните финансии.

Ковачевски посочи дека средствата за петтиот пакет-мерки се одвоени уште при планирањето на Буџетот за 2021 година. Тој вели дека мерката за финансиска поддршка за исплата на плати придонела за спасување на над 100.000 работни места и дека при проектирањето на Буџетот се предвиделе средства и за неа.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window