Вести|

28 март 2021, Скопје – Подобрувањето на финансиската едукација е од големо значење за економскиот развој на една земја, бидејќи колку финансиски пописмено е населението  толку подобри финансиски одлуки се носат. Министерството за финансии, како член на меѓуресорското тело за финансиска едукација, во континуитет, преку различни активности, делува во насока на подигање на финансиската писменост. Во рамки на меѓународната кампања „Глобална недела на пари“, којашто се одржуваше неделава, претставници на Министерството за финансии одржаа повеќе онлајн предавања за високо, средно и основно образование.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими се приклучи кон кампањата со свое предавање за Буџетот, неговите функции и извршување, коешто го одржа пред студентите на Универзитетот на Југоисточна Европа. Бесими посочи дека Буџетот ги одразува владините политики и дека истиот има за цел да придонесе кон општествениот и економски развој на земјата. Овогодишниот Буџет, посочи министерот, се осврнува на три приоритети – здравјето на граѓаните, економскиот раст и институционалните реформи во насока на евроатлантските интеграции.

Инаку, „Глобалната недела на пари“ е годишна кампања за подигнување на свеста за значењето на финансиската писменост и едукација. Таа е организирана од Меѓународната мрежа на ОЕЦД за финансиско образование (ОЕЦД / ИНФЕ), во која членува и нашата земја преку меѓуресорското Тело за финансиска едукација, составено од Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капиталното финансирано пензиско осигурување – МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Во рамки на „Глобалната недела на пари“, организациите (јавни, приватни и непрофитни) низ целиот свет организираат свои настани, како предавања, активности на Интернет, натпревари за цртање, фотографии, есеи и видеа, работилници за онлајн финансиско образование и други активности. Иницијативата е покрената во 2012 година и оттогаш константно се зголемува бројот на земјите што учествуваат. Оваа година „Глобалната недела на пари“ се организира под мотото „Грижи се за себе, грижи се за своите пари“.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window