4 април 2021, Скопје – Министерот за финансии Фатмир Бесими, во текот на претстојната недела, ќе учествува на Пролетните состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), коишто годинава се одржуваат онлајн. Во рамки на состаноците, министерот за финансии на меѓународните финансиски институции ќе им ги презентира економските мерки за справување со корона-кризата и нивниот импакт врз економијата, како и Планот за финансирање забрзан раст (Growth Acceleration Financing Plan), нов стратешки документ којшто има за цел преку изнаоѓање нови механизми и извори на финансирање да го поттикне економскиот раст, а воедно да влијае врз фискалната консолидација, односно стеснување на дефицитот и стабилизирање на јавниот долг. Исто така, ќе се разгледаат тековната соработка и проектните портфолија со меѓународните финансиски институции, напредокот и очекувањата за идниот период.
Планот за финансирање забрзан раст ќе има важна улога за економијата во Република Северна Македонија и за зголемување на бројот на работни места, преку користење на јавните инвестиции и средствата од официјалните кредитори за мобилизирање на приватниот капитал. Очекуваните резултати се двојно забрзување на економскиот раст (од 2,5% на 5% на среден рок), задржување на нивото на јавниот долг и буџетскиот дефицит во рамки на мастришкиот критериум и раст на јавните и приватните инвестиции.
Главната поента на Планот е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање, да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од 4 милијарди евра за периодот 2021-2025 година, ќе се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Со тоа, неколкукратно ќе се зголемат вкупните инвестиции во економијата и ќе се придонесе кон дополнително забрзување на растот на бруто домашниот производ, како и кон креирањето нови работни места.
Планот особено ќе поддржува еколошки и климатски проекти, иновации, како и иницијативи за поправедно општество.
Планирано е да се креираат развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантен фонд, еквити фондови, фонд за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија. Се планираат јавни приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање јавни капитални проекти, но и проекти на приватниот сектор. Тоа ќе бидат проекти коишто се наведени во рамките на Националниот инвестициски комитет (НИК), како и нови проекти што можат да произлезат како иницијативи од јавниот или приватниот сектор.
Пролетните состаноци со ММФ и Светска банка се еден од клучните финансиски настани во текот на годината и се наменети за координација помеѓу финансиските власти, меѓународните финансиски институции, приватниот и невладиниот сектор од целиот свет и за дискусија во врска со предизвиците и идните политики за глобалните и локалните економски цели и развој.
Нашата делегација, предводена од министерот за финансии, Фатмир Бесими и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во текот на следната недела ќе оствари повеќе состаноци, меѓу кои и со потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, со директорот на конституенцата предводена од Кралството Холандија, Кун Дејвидсе, со извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и со други високи функционери на Светска банка и ММФ.