Вести|

12 април 2021, Скопје – Министерството за финансии на својата веб-страница го објави Календарот на даночна регулатива, нова алатка за транспарентност и поголема предвидливост на бизнис-климата во земјава. Во Календарот се објавени сите планирани промени на даночната регулатива до крајот на годината. Целта е да се информира бизнис-заедницата, како и јавноста, за да може поефикасно и поефективно да ги планираат своите активности во текот на годината.

Новата алатка е и во насока на барањата на Стопанската комора на Северна Македонија за утврдување Даночен календар, односно да се даде грејс период од усвојување на даночната регулатива до нејзината примена. Ќе се оди кон одложена примена на законите од даночната регулатива, коишто ќе се носат во текот на годината, со најмалку 6 месеци помеѓу усвојувањето на законот од страна на Владата до неговата примена. Така, законите што ќе се носат во текот на годината ќе влегуваат во сила од 1 јануари следната година, или пак, опционално, од 1 јуни во текот на следната година, со исклучок и порано доколку станува збор за даночни олеснувања или доколу се укаже дека е неопходно од други причини, но со однапред утврден, транспарентен и инклузивен процес. На овој начин фирмите полесно ќе можат да ги прават финансиските планови.

На Календарот на даночна регулатива најавени се измени на 15 законски и подзаконски акти во текот на годинава. Меѓу нив е измената за Законот за данок на додадена вредност во насока на понатамошно усогласување со Директива на ЕУ во делот на утврдување на местото на вршење на прометот на услуги, воведување на терминот даночен застапник, овозможување доброволна регистрација за ДДВ обврзник во текот на целата година и анализа за зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ. Предвидени се и измени на Законот за данокот на добивка во насока на зголемување на износот што ќе се третира како признаен расход за даночни цели од регресот за годишен одмор, анализа за доуредување на начинот на пренос на загубите на товар на добивките во иднина и поедноставување на одредени процедури при отпис на материјалните и нематеријалните средства.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window