Вести|

16 април 2021, Скопје – За подобра деловна клима и забрзан и одржлив економски раст, потребно е во континуитет да се работи на екосистем со нула корупција и праведна (лојална) конкуренција, каде што сите ќе го плаќаат својот дел од давачките. Во оваа насока се и 16-те мерки од Акцискиот план за сузбивање на сивата економија на Министерството за финансии и 18-те мерки од „Акција 21“, планот за сузбивање на корупцијата, за коишто министерот за финансии, Фатмир Бесими и заменикот на претседателот на Владата за борба против корупција, криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски дискутираа со претставници на бизнис-секторот.

На дискусијата, покрај министрите, присуствуваа и директорите на Управата за јавни приходи, на Царинската управа, Управата за финансиско разузнавање, Финансиската полиција и Девизниот инспекторат, додека бизнис-заедницата ја застапуваа претставници на Стопанската комора, Сојузот на стопански комори, Комората на Северозападна Македонија, Советот на странски инвеститори, Асоцијацијата на компании со технолошко напредно производство, Делегацијата на германското стопанство, Американската стопанска комора, МАСИТ, МАТТО и Асоцијацијата за е-трговија.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими посочи дека сивата економија ја поткопува конкурентноста на фирмите и поединците, и претставува неправична и незаконска „предност“ на оние коишто не ги исполнуваат законските обврски. Министерот рече дека сивата економија го нарушува интегритетот на целиот наш даночен систем, влијае штетно на Буџетот и наплатата на приходите и со тоа ги скратува средствата за инвестиции во подобрo и поквалитетно здравство, образование и услуги за сите граѓани.

Бесими истакна дека целта на Акцискиот план за сузбивање на сивата економија на Министерството за финансии е преку дефинирани мерки и активности да ги зајакне механизмите за сузбивање на сивата економија. Тој посочи дека планот содржи 6 приоритети: 1) Унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање сива економија; 2) Ефикасни инспекциски служби; 3) Подобро деловно окружување за основање, раст и развој на компаниите; 4) Јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал; 5) Адресирање на сивата економија во е-трговијата и 6) Мерки на Царинската управа во борбата против неформалната економија. Со спроведување на мерките и активностите во контекст на овие приоритети, се очекува намалување на сивата економија на среден рок за околу 5 процентни поени, којашто сега се проценува на околу 37% од БДП согласно индикаторите на Меѓународниот монетарен фонд.

„Усвојувањето на овој акциски план е резултат на заложбата на државата да ја намали сивата економија, имајќи предвид дека нема земја каде што сивата економија, како феномен, не постои. Одговорност на државата е да ја подобрува правната и економска околина во којашто најлесен и најисплатлив начин за развој на бизнисите е легалното работење, водејќи се од принципите на рамноправност, објективност и транспарентност, преку обезбедување јасни прописи и правила лесни за следење и почитување, како и обезбедување санкции за оние што не ги применуваат и почитуваат овие правила“, посочи Бесими.

Вицепремиерот Николовски посочи, дека заедно со неговиот тим активно работат на следење на економските процеси и подобрување на економските текови, преку креирање соодветни мерки што помагаат во постојаната борба со корупцијата и криминалот. Овие мерки значително придонесуваат за зајакнување на бизнис-секторот и бизнис релациите во истиот и создаваат состојби за непречено функционирање на компаниите. Во овој поглед се и предвидените интервенции во делот на јавните набавки, како и воспоставувањето единствена точка за издавање лиценци за соодветни компании.

Николовски рече дека системските решенија претставени во Планот за борба против корупцијата значително помагаат во поглед на креирањето поволна бизнис-клима, нудат сигурност и отвораат можности за развој на економијата во Северна Македонија.

„Корупцијата, како општествено лоша појава, предизвикува несакани последици коишто го нарушуваат доброто менаџирање и управување со бизнисите. Од исклучителна важност е да обезбедиме услови преку системски решенија и закони коишто ќе овозможат напредок на бизнисот, коишто ќе придонесат за отворање нови претпријатија, ќе ги зголемуваат трговијата и извозот и кои ќе овозможат отворање поголем број работни места за младите генерации коишто се нашата иднина“, посочи Николовски.

Од бизнис-заедницата беше посочено дека делувањето во насока на решавање на овие два горливи проблема, односно сивата економија и корупцијата, е неопходно при градењето еден здрав економски систем, којшто ќе продуцира додадена вредност и економски раст.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window