Вести|

20 април 2021, Скопје – Работодавците и самостојните вршители на дејност, од денеска до 30 април, ќе можат да аплицираат за мерката од Петтиот пакет-мерки, Финансиска поддршка за исплата на плати за февруари и март. Поддршката изнесува од 14.500 до 21.776 денари по вработен, согласно падот на приходите три месеци пред месецот за којшто се аплицира за поддршка, во однос на истиот период лани. За оваа мерка предвидени се посебни поволности во Петтиот пакет, односно трансформација на 50% од помошта во грант-средства без услови или 100% во случај на инвестирање во основна опрема. Ова го истакнаа министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на денешната прес-конференција.

Вкупната вредност на мерката е 1,9 милијарди денари, коишто се издвоени од Буџетот и ќе се опфатат околу 60.000 работници. Предвидено е висината на поддршката, согласно падот на приходите на фирмите, да изнесува: за пад од 30% до 40% финансиската поддршка да е до 14.500 денари, од 40,01% до 50% финансиска поддршка до 15.955 денари, од 50,01% до 60% финансиска поддршка до 17.410 денари, од 60,01% до 70% финансиска поддршка до 18.865 денари, од 70,01% до 80% финансиска поддршка до 20.320 денари и над 80% финансиската поддршка да е до 21.776 денари.

– За сите корисници на финансиска поддршка за исплата на плати предвидено е 50% од исплатената помош да се трансформира во грант, без никакви услови. За оние, пак, коишто во текот на годината ќе инвестираат во основна опрема, целата исплатена помош ќе биде трансформирана во грант-средства. Од оваа новина се гледа и развојната компонента, којашто беше истакната при презентирањето на Петтиот пакет-мерки. Како целиот свет, така и ние на 2021 година гледаме како на година на ревитализација. Заздравувањето треба да се стимулира преку мерки насочени кон поттикнување нови инвестиции и развој на фирмите. Во тој контекст е и уште една мерка од Петтиот пакет, за којашто фирмите наскоро ќе можат да аплицираат. Станува збор за Ковид 4 бескаматната линија преку Развојната банка, за којашто издвоивме 615 милиони денари (10 милиони евра). Фирмите ќе можат да аплицираат за кредити од 3.000 до 30.000 евра. Предвидено е за компаниите што ќе го зголемат бројот на вработените или прометот, дел од бескаматниот кредит да им се трансформира во грант – рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Директорката на УЈП, Лукаревска најави дека барањето за финансиска поддршка за исплата на плати за работодавците ќе се одвива преку системот е-Даноци и истото ќе треба да се поднесе до крајот на месецот, а УЈП најдоцна во рок од 3 дена по поднесувањето доставува повратен одговор.

– Работодавецот, со комплетно барање, поднесува МПИН пресметка, во којашто за работниците за коишто побарува финансиска поддршка внесува шифра 5002, а УЈП, по обработката на пресметката, го информира работодавецот за исполнетоста на условите и за вкупниот износ на финансиска поддршка што ќе му биде исплатена за соодветниот месец. По обработката на податоците, УЈП ја информира Владата на РСМ за работодавците што ги исполниле условите за финансиска поддршка, заради исплата на финансиските средства најдоцна во рок од 5 дена од прифатениот МПИН образец – рече Лукаревска.

Таа информира дека условите од Законот за користење на финансиската поддршка се истите како и од претходниот закон, односно работодавецот треба да има пад на приходите од најмалку 30%, да не се врши исплата на дивиденда и награда за деловна успешност, работникот да нема остварено нето-плата поголема од 39.900 денари во претходните четири месеци, работодавецот да не исплатува нето-плата повисока од 120.000 денари за месецот за којшто се бара финансиската поддршка на повеќе од 10% од вкупниот број вработени, да не користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, работникот да не е пријавен на дополнително работно време и работодавецот во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година да има остварено кумулативно акумулирани добивки пред оданочување помали од 600.000.000 денари. Во месецот за којшто се бара финансиска поддршка, работодавецот треба да има ист или поголем број вработени споредено со месец декември 2020 година, со исклучок на одјавените работници по оправдани основи согласно законот. Овој услов немаат обврска да го исполнат работодавците што вршат угостителска дејност односно дејности за подготовка и служење храна и објекти за сместување, како и работодавците од транспортната дејност, односно копнен и цевоводен транспорт, коишто поради здравствените протоколи имаат затворено најмалку 50% од своите капацитети преку кои го остваруваат прометот.

Самостојните вршители на дејност поднесуваат барање за финансиски средства за февруари и март 2021 година преку системот Е-ПДД за секој месец одделно, најдоцна до 30 април 2021 година. Висината на финансиската поддршка изнесува 17.410 денари на месечно ниво.

Физичките лица што вршат самостојна дејност, за да го остварат ова право, треба да имаат намалување на приходот за повеќе од 30%. Износот на финансиската поддршка се исплатува во рок од 10 дена од денот на поднесување на комплетното барање, на трансакциска сметка преку која физичкото лице што врши самостојна дејност врши трансакции за дејноста, рече директорката на УЈП, Лукаревска.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window