5 мај 2021, Скопје – Преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, којшто го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка, на девет општини им се доделени 206,6 милиони денари или 3,4 милиони евра, од кои 43,8 милиони денари грант, за капитални проекти како изградба и реконструкција на локални патишта, реконструкција на водоводна мрежа, изградба на пречистителна станица, реконструкција на пазар и набавка на општинска механизација. Денеска, министерот за финансии Фатмир Бесими оствари средба со градоначалниците и претставниците на деветте општини на коишто им беа доделени тие средства: Велес, Свети Николе, Чаир, Струмица, Неготино, Гази Баба, Чешиново-Облешево, Брвеница и Пехчево.
Министерот Бесими посочи дека преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, со вкупен фонд од скоро 102 милиона евра, досега се поддржани над 260 капитални инвестиции во сите општини во земјава, како изградба на локални патишта, комунална инфраструктура, градинки и друга општинска инфраструктура.
– Зборуваме за околу 6 километри локален пат, реконструкција на пазар и набавка на општинска механизација, но овие проекти имаат навистина големо значење за локалното население. На пример, со набавката на ровокопач за комуналното претпријатие во Брвеница, зимно време полесно ќе се отстранува снегот од локалните патишта, како и од речните корита. Нашата цел, преку овој проект, е да овозможиме подобри јавни услуги во секоја општина во земјава и на тој начин да креираме подобри услови за живот за сите наши граѓани – истакна Бесими.
Во рамки на овие проекти, општина Велес има добиено заем од 46 милиони денари за реконструкција на градскиот пазар, општина Свети Николе заем од 43 милиони денари за изградба и реконструкции на повеќе улици во населеното место Рудине, општина Чаир заем од 39,7 милиони денари за реконструкција на водоводната мрежа, како и на фекалната и атмосферската канализација на улица „Дижонска“, општина Неготино 19,9 милиони денари за реконструкција на локални улици во градското подрачје, Чешиново-Облешево заем од 8,4 милиони денари за реконструкција на седум улици и Брвеница заем од 5,7 милиони денари за набавка на кобинирана машина – ровокопач за јавното комунално претпријатие.
Како резултат на претходно успешно спроведени подпроекти преку Проектот за подобрување на општинските услуги, грантови имаат добиено Струмица во износ од 24 милиони денари за изградба на две сервисни улици и колектори во местото Софилар, Гази Баба во износ од 18,3 милиони денари за изградба на пречистителна станица во месноста Смилковци и Пехчево во износ од 1,6 милиони денари за изградба на локални улици во с. Црник.
Градоначалникот на општина Велес, Aцо Коцевски потенцира дека со реконструкцијата на градскиот пазар Велес ќе добие еден модерен и урбан градски пазар во согласност со сите стандарди. Со имплементацијата на овој подпроект се очекува да се обезбеди поголем и подобро организиран простор на градскиот пазар со обезбедени санитарни и хигиенски услови, вклучувајќи и пристапни улици за достава на производите до пазарот, простор за паркинг и сите други потребни услови за нормално функционирање на објектот.
Во општина Чаир ќе се реконструира водоводната мрежа, фекалната и атмосферска канализација на шест делови од улицата „Дижонска“.
– Со потпишувањето на денешниот договор за употреба на средства од Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП2, на транспарентен начин, исполнувајќи ги сите услови, обезбедивме околу 40 милиони денари за имплементација на проектот за реконструкција на водоводната мрежа, фекалната и атмосферската канализација на улицата „Дижонска“. Дозволете ми да ја искажам мојата благодарност до Министерството за финансии и министерот Бесими за нивната посветеност во реализацијата на овој пројект – истакна градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу.