Вести|

18 мај 2021, Скопје – Министерството за финансии работи на изнаоѓање најдобар модел за формирање Фонд за перформанси и Фонд за изедначување чија цел е подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините. Планирано е општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи да добијат средства од Фондот за перформанси, а од Фондот за изедначување да се обезбедат средства за општините што имаат пониски приходи, но истите треба да покажат фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими, на настан по повод започнување на проектот на УСАИД „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите“. На настанот свое обраќање имаa и амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, градоначалникот на Велес и претседател на комисијата за финансирање при ЗЕЛС, Ацe Коцевски и директорката на проектот, Гинка Капитанова.

Министерството за финансии заедно со Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во моментов работи на активности и мерки од утврдените приоритети со реформата за понатамошно унапредување на фискалната децентрализација.

„Со цел унапредување на фискалната децентрализација, предвидени се повеќе активности и мерки што се групирани во три столба – Подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините, Зголемување на фискалната дисциплина и зголемување на транспарентноста и отчетноста во нивната работа“, истакна Бесими и нагласи дека крајната цел на овој процес е постигнување повисок квалитет на јавните услуги, повисок степен на економски развој и подобрување на животниот стандард.

Министерот информира дека во текот на овој месец и месец јуни ќе започне процесот на јавни консултации и расправа со ЗЕЛС и другите засегнати страни околу предлозите за реформата, а во координација со Работната група за продолжување на процесот на децентрализација формирана од страна на Владата во којашто учествуваат министерствата за политички систем, за финансии, за локална самоуправа и ЗЕЛС.

„Еден од владините приоритети е продолжување на процесот на децентрализација, во насока на поголема демократизација, подобри (поквалитетни и поразгранети) јавни услуги и засилен локален развој во интерес на граѓаните. Во наредниот период ќе се продолжи со политиките за развој на општините, односно фискална децентрализација и рамномерен регионален развој, со цел зајакнување на финансиските извори на општините, но воедно и зголемување на одговорноста и транспарентноста на нивното работење, за општини поблиски до граѓаните“, нагласи министерот.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window