Вести|

19 мај 2021, Скопје – Економијата на Република Северна Македонија заздравува, оцени мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), којашто се одржа од 6 до 17 мај. Тие посочуваат дека добрите политики и владиниот стимул го амортизирале ударот од кризата предизвикана од ковид-19 врз нашата економија и посочуваат дека фискалната политика треба и понатаму да биде насочена кон поддршка на стопанството и на граѓаните.

Станува збор за редовна мисија на Фондот во земјава, а истата беше предводена од Бергјот Баркбу. Во рамки на мисијата беа остварени повеќе состаноци со претставници од Министерството за финансии, вклучително и со министерот за финансии, Фатмир Бесими, на коишто се дискутираа актуелните состојби и очекувањата за економијата.

Од Меѓународниот монетарен фонд проектираат растот на бруто-домашниот производ на земјава во 2021 година да порасне за 3,8%, со нагласок дека проекцијата може да претрпи нагорна корекција доколку се продолжи со забрзување на темпото на имунизација.

Фискалната политика треба да продолжи да биде поддршка при заздравувањето на економијата, да поттикнува отворање нови работни места и да помогне во зачувување на социјалната стабилност, посочуваат од Фондот. Тие нотираат дека Владата и во 2021 година продолжила со поддршката на фирмите и граѓаните и истакнуваат дека доколку има потреба Владата треба и понатаму да продолжи со мерки коишто ќе придонесат за заздравувањето.

Меѓународниот монетарен фонд оценува дека владиниот план за инвестиции е амбициозен и дека и понатаму треба да се настојува да се унапреди ефикасноста на јавното трошење. Посочуваат дека напорите за подобрување на наплатата на давачките ќе креираат поголем фискален простор и дека тие средства можат да се насочат кон клучни области како што се здравството, образованието и инфраструктурата, а од друга страна ќе придонесат и зачувување на стабилното ниво на долг.

Од Фондот нотираат дека проекцијата за стапката на инфлација во 2021 година, како резултат на глобалниот раст на цените на храната и енергенсите, бележи нагорна ревизија, но е на умерено ниво од 2,2%.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window