2 јуни 2021, Скопје – На среден рок, стапките на економски раст ќе надминат 5%, стапката на невработеност ќе се намали на 8,6%, стапката на вработеност ќе се искачи на 54,3%, просечната плата ќе расте со просечна стапка од околу 4%, бруто-инвестициите во 2026 година ќе се зголемат до 36,2%, додека извозот ќе расте со просечна стапка од околу 8,8%. Ова се проекции дадени во Фискалната стратегија 2022-2024, со изгледи до 2026 година, со којашто се продолжува добрата практика што ја воспостави Министерството за финансии со претходната ревидирана Фискална стратегија за подолгорочно планирање, со проекции за 5 наместо за 3 години.
Согласно основното среднорочно сценарио, економскиот раст во 2021 година е проектиран на 4,1%, а во периодот 2022-2026 година се предвидува просечен годишен раст од 5,4%. Основното сценарио се заснова на стојалиштето дека економијата ќе заздрави во 2021 година, по што ќе се интензивира економскиот раст. Државната поддршка преку различни економски мерки ќе продолжи во 2021 година, со цел поддршка на домашната економија за нејзино побрзо заздравување и создавање основа за повисок економски раст на подолг рок. Во однос на надворешното окружување, се очекува постепено стабилизирање на глобалните синџири за снабдување и раст на странската побарувачка, кои, заедно со намалените притисоци од пандемијата во глобални рамки, се очекува позитивно да влијаат врз домашните економски текови во наредниот период, како врз трговската размена така и врз инвестициите и потрошувачката. Поволното меѓународно окружување и процесот на масовна имунизација во земјата се очекува да имаат позитивно влијание врз очекувањата и довербата на домашните економски субјекти и склоноста за инвестирање и потрошувачка.
Инвестициите ќе имаат значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање. Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8% во 2021 година, а во периодот 2022-2026 година инвестициите се очекува да забележат просечен годишен раст од 8,8%. Растот на инвестициите се заснова на очекуваниот раст на приватните инвестиции, во услови на постепено зголемување на довербата на деловните субјекти, поинтензивен прилив на странски инвестиции, очекуваниот фискален импулс, којшто ќе биде канализиран преку зголемени капитални расходи, но и зголемена поддршка за развој на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, поддршка на иновативната дејност и технолошкиот развој на претпријатијата.
Извозот на стоки и услуги, со исцрпување на неповолните економски ефекти од пандемијата, како и со заздравување на глобалните синџири на производство и на надворешната побарувачка и повисока искористеност на производствените капацитети во земјата, се предвидува да забележи реален раст од 10,6% во 2021 година. На среден рок, во услови на очекувано стабилизирање на растот на надворешната побарувачка и зголемување на извозниот потенцијал во земјата преку прилив на странски инвестиции, извозот се очекува да има силен придонес врз економскиот раст, односно предвидено е да забележи просечен реален годишен раст од 8,8% во периодот 2022-2026 година.
Според основното макроекономско сценарио, во 2021 година се очекува раст на бројот на вработени од 1%, додека во периодот 2022-2026 година се очекува раст на вработеноста со побрзо темпо, односно проектиран е просечен годишен раст од 3,6%. Растот на вработеноста во овој период се очекува да се одрази и врз понудата на работна сила, којашто е проектирано да се зголемува просечно за 1,7% годишно. Ваквите движења на пазарот на трудот ќе придонесат просечната стапка на невработеност во 2026 година да се намали на 8,6%, додека просечната стапка на вработеност да се зголеми на 54,3%. Растот на просечната нето-плата во овој период се очекува да изнесува 3,8% годишно на номинална основа, со изгледи за умерено интензивирање на растот во чекор со продуктивноста.
Фискалната политика во периодот 2022-2026 година се карактеризира со определбата за натамошно зајакнато управување со јавните финансии и фискална одржливост, којашто треба да придонесе за задржување на макроекономската стабилност и етапна фискална консолидација. Приоритетите на среден рок ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, унапредување и олеснување на инвестициската клима, отворање нови работни места преку активните мерки за вработување, како и преку поддршка и развој на микро, малите и средните претпријатија. Во среднорочниот период, фокусот на фискалната политика останува на обезбедување значително ниво на јавни инвестиции, коишто се предуслов за подобрување на економските перспективи, како и подобар живот на граѓаните.
Вкупните приходи на Буџетот на РСМ (централeн буџет и фондови) за периодот 2022-2026 година се планирани во висина од околу 31,3% од БДП. Просечното учество на вкупните расходи на Буџетот на Република Северна Македонија во периодот 2022-2026 година изнесува околу 34,4% од БДП.
Заложбите за постепена фискална консолидација остануваат приоритет, проектирано е постепено намалување на буџетскиот дефицит до 2,2% во 2026 година, односно 4,3% во 2022 година, 3,5% во 2023 година, 2,9% во 2024 година, 2,5% во 2025 година и 2,2% во 2026 година. Примарниот буџетски дефицит (буџетскиот дефицит без каматните плаќања), исто така, континуирано ќе се намалува од 3,0% од БДП во 2022 година до постигнување на нивото од 1,2% во 2026 година.