Вести|

7 јуни 2021, Скопје – Финансиската поддршка за стопанството е исклучително важна за заздравувањето на економијата, заради што фискалниот стимул од државата мора да продолжи. Ќе се настојува новите мерки да поттикнуваат и нови инвестиции, проширување на капацитетите и нови вработувања, порача министерот за финансии Фатмир Бесими на конференцијата Balkan Business Week, на тема „Економска ситуација на Балканот 2021-2022 (Можности и перспективи)“. Притоа тој потенцира дека во оваа насока се и препораките на Меѓународниот монетарен фонд и оти истото се спроведува од страна на економиите во светот, но и во регионот, поточно во Словенија, Србија, Црна Гора и Косово, каде што годинава, исто како и во нашата држава, беа донесени нови пакет-мерки, со цел поддршка на стопанството и граѓаните.

Истовремено, Бесими нагласи дека брзината на опоравување на глобалната економија најмногу ќе зависи од дополнителната фискална поддршка во големите економии и брзината на вакцинацијата во текот на годината.

Во однос на економијата на РС Македонија, високофреквентните податоци на Државниот завод за статистика веќе даваат знаци дека опоравувањето е започнато. Внатрешна трговија во првите три месеци од 2021 година покажуваат номинален раст на прометот од 2,9%, градежните работи во првото тримесечје од 2021 година бележат номинален раст од 4,6%, а индустриското производство во првите четири месеци од 2021 година забележа раст од 3%, со тоа што во април е регистриран висок годишен раст од 46,1%. Исклучително поволни движења се забележуваат кај преработувачката индустрија во април, каде што е регистриран раст од 64,3%, особено производството во ТИРЗ, каде што има неколкукратно зголемување на производството на машини и уреди, електрична опрема и производство на автомобили, приколки и полуприколки.

„На среден рок, насочени сме кон решенија што ќе го забрзаат растот, кој изминатата декада, пред кризата, се движеше околу 2,5%. Наша цел е да се забрза економскиот раст, и на среден рок стапките на растот да надминуваат 5%. Тоа е планирано да се постигне преку креирање поконкурентна деловна клима, извозно ориентирана, со силна поддршка на претприемништвото и иновациите, подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите, модернизација на секторите каде што имаме компаративна предност, даночна реформа, сузбивање на сивата економија, дигитализација на економијата, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образованието, науката и здравството, мерки за поголема активност на работоспособното население и ориентација кон „зелена економија“, истакна министерот Бесими.

На конференцијата свое обраќање имаа и гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицепремиерот Фатмир Битиќи, претседателот на ФОРУМ Институтот за менаџмент Хajделберг, Германија, Улрих Цaјтел, претседателот на Комитетот за одбрана на германскиот парламент и член на Бирото на парламентарното собрание на НАТО, Карл Ламерс и генералниот директор и претседател на УО на директори на Стопанска банка, Диомидис Николетопулос. Конференцијата беше одржана во организација на Институтот за бизнис и менаџмент, Хajделберг – Скопје  и Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ).

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window