Вести|

29 јуни 2021, Скопје – Преку реформи и зајакнување на законската рамка и механизмите за финансиско управување и финансиска контрола во јавниот сектор, ќе се придонесе за креирање подобар систем, за реформи во јавната администрација и за успешно спроведување на мерките за борба против корупцијата. Ова беше истакнато на денешната конференција на која учествуваа вицепремиерот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за финансии, Фатмир Бесими, којашто се одржуваше на темата „Поддршка на развојот на сметководството и ревизијата и синергија“ (“Supporting Accounting and Auditing Developments and Synergies”), а во организација на Овластениот институт за јавни финансии и сметководство (Chartered Institute of Public Finance and Accountancy – CIPFA) од Велика Британија и CEF (Centre of Exellence in Finance) од Словенија.

Вицепремиерот Николовски истакна дека борбата против корупцијата и криминалот е и меѓу клучните приоритети на Владата и како резултат на тоа, за првпат, се подготви и усвои План за борба против корупцијата, којшто содржи системски мерки за длабоки реформи во општеството.

– Северна Македонија застана цврсто и одлучно на ставот преку своите институции да ги детектира слабостите и воедно да се спротивстави на ова зло преку бескомпромисно и неселективно дејствување. Дел од мерките што ги преземаме како Влада се во насока на конструирање системски решенија, со што се превенира и спречува корупција, но и се обезбедува транспарентност во трошењето на јавните средства. Управувањето со јавните средства треба да биде во насока на исполнување на потребите на граѓаните и рационално трошење на буџетските средствата, изјави вицепремиерот Николовски.

На конференцијата, Николовски презентираше дел од владиниот План за борба против корупцијата, и тоа во делот на јавните набавки, дигитализацијата на процесите, потоа подготовката на Предлог-законот за потекло на имотот, како и подигнување на нивото на транспарентност.

Министерот за финансии, Бесими посочи дека сега е вистинско време да се засили интензитетот на активностите за развој на финансиското управување и контрола во врска со буџетскиот циклус во сите негови фази: планирање, програмирање, подготовка на финансиски план, извршување, сметководство и известување. Сето ова е важно да се поддржи со воспоставен силен и независен процес на ревизија, којшто ќе обезбеди повратна информација за извршените трошоци, како и резултатите од спроведените програми, односно активности и проекти.

– Со донесувањето на новиот Закон за буџети и новиот Закон за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, коишто се наоѓаат во собраниска процедура на донесување, очекуваме да се обезбеди потребната законска рамка за спроведување на реформските чекори во системот за управување со јавните финансии во Република Северна Македонија. Преку регулирање на целокупниот буџетски процес, односно постапката за подготовка и донесување на Буџетот, извршување на Буџетот, завршните сметки и системот за известување, планираме да придонесеме во развојот и на системот на внатрешни финансиски контроли којшто не е изолирана активност, туку напротив, процес што ќе придонесе и во спроведувањето на реформите во областа на јавната администрација и на мерките за борба против корупцијата, рече Бесими.

Бесими најави и реформа во областа на буџетското сметководство, согласно која расходите ќе се евидентираат во моментот на настанување на деловниот настан во извештајниот период, а не во моментот на плаќање, а приходите и понатаму ќе се признаваат во моментот на наплатата. Овој концепт на евиденција ќе овозможи пореално и поажурно следење на неподмирените обврски кај буџетските корисници, а ова начело ќе се примени и во системот на државниот трезор преку имплементацијата на новиот Информациски систем за управување со финансиите.

Оваа вест е достапна и на: English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window