7 јули 2021, Скопје – Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими и извршниот директор на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов денес на прес-конференција ја промовираа новата, бескаматна кредитна линија „Ковид 4“, за која компаниите ќе може да аплицираат од 15 јули.
Вицепремиерот Битиќи, зборувајќи на прес-конференцијата, потсети дека Владата досега има донесено шест сета мерки, со вкупна проектирана вредност од околу 1,1 милијарда евра, како директна помош за справување со последиците од корона-кризата. Во рамките на тие мерки, беа спроведени и трите бескаматни кредитни линии, „Ковид 1, 2 и 3“, од Развојната банка на Северна Македонија, со кои се обезбедија ликвидни средства во вкупен износ од над 44 милиони евра, при што беа поддржани над 4 илјади компании што вработуваат околу 37 илјади лица.
„Бескаматната кредитната линија „Ковид 4“, што денес ја промовираме, изнесува 615 милиони денари или околу 10 милиони евра, и со оваа линија ќе бидат поддржани микро, мали и средни трговски друштва од најпогодените сектори од КОВИД-19, од таргетираните дејности во делот на кредитокорисниците, занаетчиите што плаќаат давачки на реален приход, трговските поединци и приватните здравствени установи. Износот на кредитот ќе биде дефиниран во зависност од бројот на вработените и падот на приходите, може да изнесува од 3.000 до 30.000 евра, роковите за отплата ќе се движат од 36 до 42 месеца со 12 месеци грејс период. Би сакал да укажам дека во оваа кредитна линија е овозможена и грант компонента до 50% од висината на кредитот, доколку корисниците ги исполнат потребните услови, а тоа е во 2021 да имаат 5% повеќе вработени во однос на 2020 година и вкупните приходи во 2021 да се зголемени за 10% во однос на 2020 година или може да добијат грантови од 20% или 30% доколку е остварен еден од условите“, нагласи Битиќи.
Вицепремиерот соопшти дека во изминатата година и четири месеци, Владата вложи навистина сериозни напори за да ги поддржи и да им помогне на граѓаните и на стопанството, особено на оние најпогодените, со цел да го амортизира влијанието на пандемијата и да овозможи услови за што поскоро и побрзо закрепнување на домашната економија од последиците од глобалната криза. Воочуваме постепено и стабилно подобрување на економската состојба што се отсликува преку повеќе макроекономски индикатори.
„Повеќе статистички параметри укажуваат дека економијата оди во нагорна линија. Во последните три месеци бележиме раст на индексот на индустриското производство и тоа во март за 7,6%, во април дури за 46,1% и во мај за 16,5% во однос на соодветните месеци во 2020 година. Меѓународната трговска размена бележи сериозен раст од 41,5% во првите 5 месеци од 2021 година во споредба со истиот период лани, извозот расте со стапка од 44,3%, а покриеноста на увозот со извоз во овој период е 73,7%. Според податоците од Државниот завод за статистика, вкупниот број вработени изнесува 793.121 лице, додека стапката на невработеност е стабилна и изнесува 16%. Просечната нето-плата во април 2021 година изнесува 28.438 денари, што претставува раст од 10,1% во однос на април 2020 година и веќе сериозно се доближуваме до просечна плата од 500 евра“, презентираше вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека годинава ќе биде година на заздравување, по што Република Северна Македонија ќе се стреми кон остварување на приоритетните цели за забрзан раст и спроведување на европската агенда.
„Приоритетите кон кои се насочени Владата и Министерството за финансии се постигнување повисоки стапки на економски раст од 4% до 5% годишно, како и раст на платите за 20% до 30% на среден рок со цел подобрување на стандардот на граѓаните. Кон ова ќе целиме преку спроведување фискална политика на среден рок, која ќе биде насочена кон инвестиции, заздравување и одржлив раст и фискална консолидација. Од аспект на зголемување на инвестициите, во Министерството за финансии во финална фаза е Планот за финансирање забрзан раст, којшто има за цел да мобилизира дополнителен капитал и да ги мултиплицира средствата за инвестиции преку ангажирање приватен капитал. На тој начин побрзо ќе се постигне планираната развојна агенда, ќе се задржи фискалната консолидација на јавниот долг и буџетскиот дефицит на среден рок и ќе се зголемат инвестициите во јавниот сектор и поддршката на инвестициите во приватниот сектор“, нагласи Бесими.
Министерот истакна дека значајна ликвидносна поддршка за заздравување од ефектите од пандемијата предизвикана од ковид-19 за компаниите се исто така и 100-те милиони евра поволни средства од Европската инвестициска банка за кои веќе е потпишан договор.
„Средствата се наменети за инвестиции или зголемување на потребите за обртни средства, а каматните стапки се исклучително ниски. Еден од инструментите во Планот за финансирање забрзан раст е и Гарнатниот фонд преку кој ќе се спроведе државната гарантна шема. Гарантниот фонд ќе гарантира кредити до 500 илјади евра за микро, мали и средни претпријатија, како и за големи трговци чии приходи по основ на извоз учествуваат најмалку со 30% во вкупните остварени приходи“, рече Бесими.
Директорот на Развојната банка, Кире Наумов детално го презентираше јавниот повик и критериумите за компаниите што се пропишани во него, при што посочи дека аплицирањето за оваа четврта бескаматна кредитна линија започнува на 15 јули од 09:00 часот.
„Со објавата на повикот за ,,Ковид 4“ се стават на располагање уште 10 милиони евра за приватните субјекти коишто во 2020 година имале најмалку 30% пад на приходите. За кредит од ,,Ковид 4“ може да аплицираат субјекти што не користеле средства од првата мерка од петтиот економски сет, односно мерката за финансиска поддршка за плати за февруари и март на Управата за јавни приходи, субјекти што не користеле кредит од ,,Ковид 3“ од Развојна банка и субјекти што користеле кредит од ,,Ковид 1“ и/или ,,Ковид 2“, но немаат неизмирени достасани обврски на денот на аплицирањето“, презентираше Наумов.
Тој додаде дека потребните документи за аплицирање се во голема мера идентични со оние за претходните бескаматни кредитни линии, а задолжителните документи вклучуваат кредитно барање, ЗП образец и изјави што може да се симнат од веб-страницата на банката каде што е објавен јавниот повик.