Вести|

21 јули 2021, Скопје – Министерството за финансии ги започна активностите за реализација на заедничките заклучоци од Економско – финансискиот дијалог со Европската Унија поврзан со Програмата на економски реформи. Министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска одржа состанок со надлежните министерства, агенции и фондови, вклучени во овој процес, со кои се разговараше за конкретните активности што ќе се преземат во наредниот период во насока на реализација на приоритетите од овој најважен стратешки документ во економскиот дијалог со ЕК и државите членки на ЕУ.

Главните препораки од дијалогот се усвоени на 12-ти овој месец. Тие се насочени кон континуиран одговор со фискални, економски и социјални политики за ублажување на последиците од пандемијата и поттикнување на закрепнувањето на среден рок.

Република Северна Македонија беше оценета од Европската комисија со највисок резултат од 61,1 процент реализирани заеднички заклучоци усвоени во мај 2020 година, споредено со другите земји од Западен Балкан.

Овие заклучоци се состојат од заеднички усвоени препораки со цел да им помогнат на земјите опфатени со проширувањето на ЕУ да го зајакнат економскиот и социјалниот развој.

Шесте заклучоци се фокусираат на континуиран одговор со фискални, економски и социјални политики за ублажување на последиците од пандемијата и за поттикнување закрепнување на среден рок. Во сферата на макрофискалните политики, препораките се да има таргетирани привремени мерки за поддршка на ранливи домаќинства и бизниси, проследени со постепена фискална консолидација, додека во сферата на структурните реформи, насоките се фокусираат на натамошно зајакнување на бизнис-климата, зајакнување на средното стручно образование и обуката, и на поголем пристап на невработените лица до активните политики на пазарот на трудот.

Документот се изработува секоја година и претставува подготовка за учество во процесот на економски и фискален надзор на државите членки на ЕУ со цел спроведување на клучните реформски процеси во земјава, коишто ќе го интензивираат дијалогот со Европската Унија.

Со ова започнуваат подготовките за Програмата на економски реформи 2022-2024 година.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window