Вести|

28 јули 2021, Скопје – Повеќе приходи во Буџетот, повеќе средства за капитални расходи, за мерки за поддршка на стопанството и на граѓаните поради ковид-кризата, за здравството, земјоделството, за редовна исплата на плати и пензии и социјални права се обезбедени со ребалансот на Буџетот за 2021 година што денес го усвои Собранието на РС Македонија.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на РС Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари и истите се за околу 10 милијарди денари или за 4,7% повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6% (околу 21,2 милијарди денари) повисоки во однос на планот. Планираните приходи и расходи претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5% од БДП.

– Ребалансот на Буџетот за 2021 година е одраз на економските состојби, грижа во поглед на користењето на јавните средства и нивно насочување кон реализација на поставените таргети, како и посветеност во справувањето со пандемијата – рече министерот за финансии, Фатмир Бесими во образложението на ребалансот на Буџетот и додаде дека фискалниот стимул за стопанството и граѓаните продолжува до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економски раст.

Посочувајќи дека приоритет остануваат здравјето на граѓаните, здравата економија и здравите финансии, министерот истакна дека продолжува заложбата да инвестираме во трајни добра со фокус на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор, земјоделството и заштитата на животната средина.

Дополнителни 3 милијарди денари се обезбедени за земјоделскиот сектор, 685 милиони денари за заштита на животната средина преку новата Програма за зелен развој, дополнителни 416 милиони денари за социјалниот сектор за исплата на надоместоци за детска заштита и социјални права, 200 милиони денари за студентски оброк, како и 880 милиони денари за поврат на ДДВ.

Со направените измени обезбедени се дополнителни средства наменети за здравството, инсулин за инсулино-зависни пациенти, набавка на вакцини преку системот КОВАКС, набавка на возила за транспорт и фрижидери за чување на вакцините и средства за опремување на вакциналните пунктови, како и набавка на опрема за испитување на квалитетот на мазутот што е во насока на обезбедување чиста животна средина. Обезбедено е зголемување на средствата наменети за поддршка на туризмот преку користење ваучери за туризам, санирање на проблемот со Студенчишко Блато, поставување заштитна ограда на река Отиња, изградба на дел од водоводната инсталација за населено место Студеничани, изградба на резервоар, пумпа и бунар за снабдување со чиста вода за пиење за населено место во село Стрмница, општина Желино, како и обезбедување дополнителни средства во земјоделскиот сектор за мали семејни винарии.

Капиталните расходи се планирани на ниво од околу 30 милијарди денари или за 5,7 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година. Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи при што порастот на капиталните расходи за 24 отсто е резултат на обезбедувањето потребни средства за реализација на дел од мерките на Владата, како што се 615 милиони денари за бескаматни кредити преку Развојната банка за најпогодените сектори, 300 милиони денари за кредитна гарантна шема преку Развојната банка, 610 милиони денари за формирање Фонд за поддршка на извозни компании преку Развојната банка, 500 милиони денари капитали расходи за рурален развој (ИПАРД), 90 милиони денари за инвестиции во спортски објекти, 60 милиони денари за социјална населба во Струмица и 120 милиони денари за клучката Словенечка, 55 милиони денари за детски градинки и социјални центри, 123 милиони денари за реконструкција на јавните здравствени установи…

– Фискалната политика секогаш треба да даде одговор на реалните потреби, да го поддржи економскиот раст и развој, отворањето нови работни места и подобриот животен стандард за граѓаните. Затоа основите цели на Буџетот за 2021 година се зајакнување на финансирањето на системот на здравствена заштита и зачувување на здравјето и животите на граѓаните, поддршка на економската стабилизација и поставување на темелите на солидно економско заздравување и забрзан раст, како и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка на реформите во правосудството и евроатлантските интеграции – истакна министерот.

Годинава се очекува економијата да заздрави, при што растот е проектиран на 4,1 отсто. Значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање ќе имаат инвестициите. Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8% во 2021 година, во услови на очекуван раст и на јавните и на приватните инвестиции. Потрошувачката се очекува да забележи реален раст од 4%, а растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3%. Извозот се предвидува да забележи раст од 10,6%, а увозот раст од 11% на реална основа. Бројот на вработени е предвидено да се зголеми за 1%, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,5%, додека стапката на невработеност да се намали на 15,8%.

Буџетот на РСМ е целосно креиран во функција на остварување на стратешките приоритети, на забрзување на економскиот раст, како и остварување на приоритетот за интегративните процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и обврските што произлегуваат од членството во НАТО.

Буџетот е ликвиден. Има одлична реализација на приходите, што беше една од основите на ребалансот, а расходите се реализираат редовно и навремено во рамки на предвидувањата и очекувањата. Приходите од почетокот на годината имаат раст од 15,6 отсто во однос на истиот период лани.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window