Вести|

3 септември 2021, Скопје – Министерството за финансии на 6 и 7 септември 2021 година во Скопје ја организира Првата годишна конференција „Економско заздравување и раст по Ковид“ во рамки на „Економски и финансиски форум“

(Skopje Economic Finance Forum). Високи гости од меѓународни финансиски институции, владини претставници од земјата и регионот, експерти, претставници на невладиниот и на бизнис-секторот ќе имаат можност два дена да споделуваат искуства, да разменуваат идеи и да дадат одговори за глобалните и регионалните перспективи на постпандемиското закрепнување и раст.

Конференцијата ќе ја отворат министерот за финансии, Фатмир Бесими и претседателот на Владата, Зоран Заев, по што ќе се одржат две панел-дискусии на коишто високи претставници треба да ги претстават своите видувања на темата, а нивните излагања треба да дадат одговори на клучни прашања – како можат политиките најдобро да го поддржат растот; кои се главните предизвици за одржување на безбедноста во светот што се менува; кои фискални и монетарни мерки им помогнаа на бизнисот и на работните места; како и кои се ризиците од предвременото повлекување на фискалните стимулирачки мерки.

На првата панел-дискусија насловена „Глобални и регионални предизвици и изгледи за опоравување и раст“, свои обраќања ќе имаат Ана Бјерде, потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија, Кејт Мери Брнз, амбасадор на САД во РС Македонија, Ендру Вајт од Оксфордскиот универзитет, заменик-претседателот на Влада, Артан Груби, министерката Радмила Шеќеринска, Мајлинда Брегу, генерален секретар на РСС, како и Хаолианг Ху од УНДП.

На втората панел-дискусија ќе се дебатира на тема „Макроекономските политики и јавните финансии во време на пост-пандемија“, а говорници ќе бидат министерот за финансии, Фатмир Бесими, министрите за финансии на Косово и на Албанија, Хекуран Мурати и Анила Денај, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, регионалниот директор на СБ за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер, Алфред Камер од ММФ и претседателот на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на РСМ, Тимчо Муцунски.

„Добро владеење и социјална кохезија“ е насловот на третата панел-дискусија, на којашто свое обраќање ќе имаат министрите Спасовски, Маричиќ, вицепремиерот Николовски, како и Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во РС Македонија, амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј и Барбара Колм, заменик-претседател на Австриската централна банка.

 

Вториот ден од Конференцијата е посветен на јавните и приватните инвестиции и конкурентноста, зелената економија, како и човечкиот капитал и инклузивен развој, а воведни обраќања ќе имаат претседателот на државата, Стево Пендаровски и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

На четвртата панел-дискусија на тема „Јавни и приватни инвестиции и конкурентност“, се очекува да бидат презентирани идеи за можностите за поголема инволвираност на приватниот сектор. Говорници ќе бидат вицепремиерот Фатмир Битиќи, потпретседателот на ЕИБ, Лилјана Павлова, потпретседателот на ЕБРД, Јурген Ригтеринг, министрите Бектеши и Бочварски, регионалниот директор на ИФЦ за Централна и Југоисточна Европа, Ари Наим, како и претседателите на трите најголеми стопанските комори, Азески, Арсовска и Хоџа.

На петтата панел-дискусија „Паметен и зелен раст на економијата“ говорници се еврокомесарот Паоло Џентилони, извршниот директор на Конституенцата во ММФ, Пол Хилберс, директорот на СБ за РС Македонија, Масимилијано Паолучи, регионалниот директор на МИГА за Европа и Централна Азија, Олга Шловскаја, постојаната претставничка на УНДП во РС Македонија, Нарине Сахакјан и министерот Насер Нуредини.

Конференцијата ќе се заокружи со панел-дискусија посветена на човечкиот капитал кој е клучен за развој и раст на економијата. На темата „Човечки капитал и инклузивен раст“ се очекува да бидат презентирани идеи што ќе дадат одговор како да се зајакне образовниот и здравствениот систем, како и други клучни прашања во овој дел.

Говорници ќе бидат Ролф Вензел, гувернер на Развојната банка на Советот на Европа, министрите Филипче, Царовска, Османи, Милевски, Стефоска, како и Хари Патринос, менаџер за образование во СБ за Европа и Централна Азија и Јамеле Риголини, лидер на програмата за човечки развој во СБ за Западен Балкан.

Заклучоците од Конференцијата ќе бидат презентирани од страна на министерот за финансии, Фатмир Бесими, заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски и државниот секретар во Министерството за финансии, Јелена Таст.

Идејата за организирање на оваа меѓународна конференција произлезе од заложбата на Министерството за финансии како институција за промовирање и спроведување инклузивен дијалог со социјалните актери. Оваа конференција треба да ги постави темелите и во иднина да прерасне во конференција со традиција и силно влијание во регионот и во Европа.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window