Вести|

6 септември 2021, Скопје – Европската инвестициска банка ја продолжува поддршката на земјата и регионот, а подготвеност за инвестиции во нови проекти беше изразена денеска на средбата меѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, што се одржа пред почетокот на Првата годишна конференција „Економско заздравување и раст по Ковид“.

Во Северна Македонија досега се инвестирани над една милијарда евра од страна на ЕИБ. Поддржани се повеќе големи  проекти во патната и железничката инфраструктура, водоснабдувањето, енергетиката, отпадните води, а не изостанува и поддршката на малите и средните претпријатија со средствата што се пласираат преку Развојната банка на Северна Македонија.

На средбата беше изразено задоволство од постигнатиот напредок во изминатиот период во однос на реализацијата на кредитната линија за малите и средните претпријатија и се очекува до крајот на овој месец да бидат доставени барањата за исплата на првата транша од последната кредитна линија од 100 милиони евра, за што годинава беше потпишан договор. Со договорот се очекува да се обезбеди финансиска поддршка за најмалку 300 проекти на малите и средините претпријатија, а е во насока на поддршка на економското закрепнување на малите и средни претпријатија во земјава.

Министерот за финансии Фатмир Бесими изрази благодарност за поддршката што ја даде ЕИБ во процесот на пристапување во ЕУ и изрази верување дека успешната соработка ќе продолжи и во наредниот период.

На средбата беше посочено дека постои подготвеност ЕИБ да ја прошири својата поддршка за енергетската ефикасност, одржливата мобилност и дигиталните проекти на Западен Балкан и Северна Македонија, во согласност со Економскиот и инвестициски план на ЕУ, како и областа на справување со пожарите.

„Ни претставува задоволство што постигнавме договор околу нашите заеднички приоритети за Република Северна Македонија, а тоа се поддршка за економско заздравување, модел на позелена, инклузивна и поодржлива економија. Исто така, подготвени сме да обезбедиме финансиска поддршка и технички совети за воспоставување финансиски инструменти во земјата во корист на приватниот сектор“, истакна на средбата потпретседателката на ЕИБ за Западен Балкан, Лилјана Павлова.

Изразена беше поддршка и за напорите на Владата во користењето на зелениот одржлив економски модел при реализација на приоритетните проекти што се дел од Економскиот инвестициски план, усвоен од ЕК во 2020 година, а кој обезбедува долгорочно закрепнување и развој на регионот, како што се поддршка во реализацијата на третата фаза од железничкиот дел од Коридорот 8 кон Бугарија, изградбата на пречистителната станица во Скопје, како и гасното поврзување со Република Грција. За овие проекти во најава е и обезбедување грант од ВБИФ, инструмент на Европската Унија.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window