Вести|

6 септември 2021, Скопје – Реализацијата на тековните проекти и динамиката на нивното изведување, како и инвестиции во нови проекти од областа на патната и железничката инфраструктура, енергетиката, екологијата, беа тема на средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими со потпретседателот на ЕБОР, Јурген Ригтеринк, што се одржа во Министерството за финансии, а пред почетокот на Првата годишна конференција „Економско заздравување и раст по Ковид“.

На средбата беше истакнато дека ЕБОР ќе ја продолжи соработката со Северна Македонија и ќе ја поддржи посветеноста на Владата во подготовката и реализацијата на приоритетните проекти што се дел од економскиот инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан.

Меѓу проектите што се изведуваат со финансиска поддршка од ЕБОР се: делницата Скопје-Блаце, автопатската делница Кичево-Гостивар, железничката пруга на Коридорот 8 кон Бугарија, во делот на енергетиката тоа се магистралниот гасовод Гостивар-Кичево и делница Свети Николе-Велес, потоа изградба на интерконективниот гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, 400 kV интерконекција меѓу Македонија (Битола) и Албанија (Елбасан), како и низа други проекти меѓу кои и проектот за за брз автобуски превоз во Скопје, како и пречистителната станица на отпадни води исто така во Скопје.

Беше изразено задоволство од напредокот во реализацијата на проектите што се финансираат од оваа меѓународна финансиска институција и посветеноста на Владата за нивна непречена имплементација.

На средбата, меѓу другото, беше посочено дека од клучно значење ќе биде и вклучувањето на Банката во реализацијата на проектот за управување со цврст отпад во пет региони во земјава којшто е во процес на подготовка од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.

„ЕБОР останува наш стратешки партнер и во реализацијата на Планот за финансирање на заздравувањето и забрзаниот економски раст, кој се очекува да ги зголеми вкупните инвестиции во економијата“, истакна на средбата министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Покрај планираните јавни инвестиции во износ од околу 4 милијарди евра во периодот од 2021 до 2025 година, финансирани од Буџетот, ИПА фондовите и меѓународните финансиски институции, ќе се мобилизираат и повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Со тоа ќе се зголемат вкупните инвестиции, ќе се забрза растот на Бруто-домашниот производ и ќе се забрза отворањето нови работни места.

Извесно е дека опоравувањето на економијата од ефектите од корона-кризата започна. Статистички, годинава земјата излегува од криза и влегува во раст и заздравување, а проекциите за раст се 4,1 отсто.

Досега, ЕБОР во земјава има инвестирано над 2 милијарди евра.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window