Вести|

6 септември 2021, Скопје – Креаторите на политиките, претставниците на меѓународните институции, на граѓанското општество, академици, експерти, деловната заедница, како и сите засегнати страни што можат да делуваат врз подобрување на политичкиот дијалог за економски и финансиски теми од национален и регионален интерес ги собра на едно место првата Годишна конференција на Министерството за финансии, што се одржува денеска и утре во Скопје.

Конференцијата, што има за цел да прерасне во форум за размена на идеи, ја отворија премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Економскиот форум е Прва годишна конференција на Министерството за финансии на кој ќе ги разгледаме прашањата за економско опоравување и развој по ковид. Оваа дебата треба да прерасне во една арена за дебата за реформите во економијата. Ова е нова иницијатива на Министерството за финансии со цел да се олесни и да се овозможи дебатирање за најважните теми за Република Северна Македонија и Југоисточна Европа“,  рече министерот Бесими на отворањето на Конференцијата.

Според министерот, она што ја прави Конференцијата  единствена и специфична е што се организира и одржува во време на пандемија, во период на најголемата здравствена и економска криза на овој век, во која како човештво се соочивме со доста големи загуби, загубивме животи, загубивме доста блиски луѓе, некои загубија блиски роднини, пријатели, колеги, други, пак, ги загубија работните места, поранливите категории се соочија со поголеми потешкотии, многу дејности се затворија.

„Денес сме тука да кажеме дека ковидот нема да нѐ победи. Ние сме дел од една глобална алијанса за борба против коронавирусот и денес тука ќе зборуваме за опоравување и не само за тоа, туку и за повеќе од опоравување, ќе зборуваме за раст, развој, подобар, забрзан развој, зелен развој“, истакна министерот за финансии.

Потсети дека минатата година се соочивме со најголем пад на БДП во споредба со изминатите  три децении.

„Предвидовме  пад од 4,5 проценти на БДП во 2020 година и според нашите пресметки истиот ќе беше и поголем, но успеавме да го олесниме, да го намалиме да не стигне до 8,7 проценти. Потрошивме 11 проценти од БДП како фискално олеснување  за да се поддржат економијата, здравствениот сектор, да се заштитат работните места и да се заштитат бизнисите. Имаше мерки за ранливите категории, да се задржат работните места, да им се помогне на бизнисите да ја преживеат кризата. Делувавме на страна на понудата и  потрошувачката. И продолжуваме во 2021 година со два дополнителни пакета коишто се таргетирани и се повеќе со развојна компонента, вклученост на инвестиции и зголемување на бројот на вработени со цел опоравувањето да прерасне во развој“, рече министерот Бесими.

Потенцира дека нашиот одговор преку политики да се заштитат животите и да се спаси економијата значеше фискален притисок и долг, но дека сме одлучни да се фокусираме на фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, согласно фискалните правила, на 3 проценти, односно 60 отсто од БДП.

„Учиме од минатото, да делуваме во сегашноста, а се подготвуваме и за иднината. За годинава проектиравме раст од 4,1 процент и просечен годишен раст од 5,4 проценти за наредните пет години. Со цел да осигуриме дека ова нема да остане само желба, подготвивме финансиски план за забрзување на економијата со цел нејзино опоравување по ковид и да се овозможи забрзан и одржлив развој, истовремено со одржување на фискалната стабилност преку мобилизација на капиталот од приватниот сектор, како дополнување на предвидените средства од Буџетот“, истакна Бесими.

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање, потенцирајќи дека националната економија е стабилна и ќе расте, соопшти дека после една година, според денешните официјални статистички податоци, можеме да кажеме дека кризата и официјално одминува а економијата заздравува, што е потврда и на нашите анализи дека економијата е стабилна и ќе растe.

„Во вториот квартал од годинава, согласно статистиката, регистриран е позитивен раст на Бруто-домашниот производ во износ од 13,1 процент. Во првата половина од годината ќе изнесува 5,6 проценти.  За годинава проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 10,6 отсто, a бруто-инвестициите раст од 8 отсто“, рече премиерот Заев.

Потенцира дека остануваме посветени на подигнување на стандардот и условите за живот во Северна Македонија.

„Пандемијата нѐ научи дека е неизбежно да се обединат општествата, владите и компаниите, да се адаптираат на новата реалност и да се дизајнираат политики фокусирани на градење еднаквост, инклузивност и одржливост на економиите“, рече премиерот и додаде дека она што следи понатаму, е подобрување на инвестициската и бизнис клима, отпорност на шоковите, осврт кон зелените инвестиции и дигитализацијата, зајакнување на здравствениот и едукативниот систем како основа за човечкиот капитал, зајакнување на националните институционални капацитети и истовремено одржување  фискална консолидација.

Најави дека владиниот економски тим континуирано и посветено работи на подготовка на планови за идниот среднорочен развој на државата. „Во таа смисла, Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 ги опфаќа сите инвестиции предвидени да отпочнат во земјава, вклучувајќи ги и приватните инвестиции на домашни и странски инвеститори. Тоа е стратешки документ со дефинирани елементи, како што се вредност на инвестиции, клучни инвестициски области, инвестициски пристап итн. Како комплементарен план на Интервентниот план за инвестиции 2021-2027, е подготвен и Планот за здравување и финансирање забрзан раст“, рече премиерот.

Основна цел на Планот е да го финансира закрепнувањето на економијата од ковид-19, како и да поддржи забрзан одржлив раст, при едновремено одржување  фискална стабилност преку мобилизирање капитал од приватниот сектор како дополнување на буџетските средства и задолжувањата. Планот дава комплетна слика околу пристапот, односно создавањето законски можности за спроведување на истото.

 Како што истакна, планот дефинира прецизно поставена владина структура на единици и поделба на ингеренции што ќе водат до успешна имплементација. „Првпат велиме да воспоставиме Delivery Unit, Monitoring Unit и PIM преку кои ќе имаме навремен, целосен увид за одредени приоритети, реализација, слабости, пречки и најургентни задачи. Јас искрено верувам дека ова е начинот со кој ќе ги совладаме институционалните слабости и ќе ги зајакнеме нашите капацитети“, потенцира премиерот Заев.

 Учесниците на конференцијата, во шесте панел-дискусии што ќе се одржат денеска и утре, имаат единствена можност да дискутираат за создавање макроекономски политики, јавни финансии, структурни реформи, мобилизација на приватен капитал, подобрување на регионалната соработка.

 Идејата за организирање на оваа меѓународна конференција произлезе од заложбата на Министерството за финансии како институција за промовирање и спроведување инклузивен дијалог со социјалните актери. Оваа конференција треба да ги постави темелите и во иднина да прерасне во конференција со традиција и силно влијание во регионот и во Европа.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window