Вести|

16 септември 2021, Скопје – Република Северна Македонија и Република Косово ќе спроведуваат заедничка царинска контрола на железничкиот премин Блаце – Хани Елези. Тоа го предвидува денес потпишаниот Договор за спроведување на Спогодбата за соработка меѓу владите на двете земји за погранично регулирање на железничкиот сообраќај. Договорот го потпишаа министерот за финансии на РС Македонија, Фатмир Бесими и министерот за финансии на Косово, Хекуран Мурати во рамки на заедничката седница на владите на РС Македонија и Р Косово што се одржа во Скопје.

Договорот овозможува поедноставување на граничното регулирање на железничкиот сообраќај и намалување на времето на задржување на граничните премини. Договорот го утврдува извршувањето на активностите на граничното регулирање на железничкиот сообраќај и правилата на граничното регулирање на железничкиот сообраќај на овој граничен премин. Контролата заеднички ќе ја вршат царински работници од двете земји, на една точка, односно на граничниот премин на Република Косово, Хани Елези.

Подоброто поврзување и овозможување услови за побрз проток на лица, стоки и услуги значи подобра трговска размена, просперитет за државите и за регионот.  Со ваквите заеднички активности се придонесува за поголема пропусна моќ на пратките, како и подобри услови за бизнис-заедницата. Трговската размена меѓу двете земји од почетокот на годината бележи раст од 40,2 отсто и достигна ниво од над 200 милиони евра.

Двете земји преземаат активности и работат на унапредување на соработката преку подобрување на инфраструктурното поврзување.  Во тек е реализација на проектот за изградба на автопат до граничниот премин Блаце, каде што, исто така, има иницијатива за поставување заедничка контрола, а во рамки на областа на енергиката се преземаат активности за изградба на Интерконективен гасовод меѓу РС Македонија и Р Косово.  Подобрата инфраструктура ќе значи и привлекување повеќе инвестиции. Двете земји имаат потпишано и договори за одбегнување на двојното оданочување по однос на данокот на доход и данокот на капитал, како и  за поттикнување и заемна заштита на инвестициите.

Република Северна Македонија веќе има воспоставено заедничка контрола на границата со Република Србија на граничниот премин Табановце за патниот сообраќај, а треба да се воспостави и во делот на железницата на Табановце, како и на патниот сообраќај кон Република Албанија на граничниот премин Ќафасан.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window