Вести|

4 октомври 2021, Скопје – Растот на економијата во иднина и закрепнувањето по ковид-кризата ќе се засноваат на дигитална економија, зелена економија и инклузивен просперитет. Поддршката на зелената и дигиталната трансформација е и една од заложбите на Владата и на Министерството за финансии, којашто е вградена во Планот за финансирање на заздравувањето и забрзување на економскиот раст којшто веќе е во завршна фаза на подготовка во МФ.

Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на денешната Конференција на тема „Забрзување на зеленото финансирање во Северна Македонија: Вoведување фонд за зелено финансирање“ што се одржа во Скопје.

„Планот за финансирање на заздравувањето и забрзување на економскиот раст е еден од стратешките документи на Министерството за финансии. Насочен е кон остварување на заложбата за двојно зголемување на економскиот раст и фискална консолидација. Зелената и дигиталната трансформација на коишто ќе се заснова идниот развој ќе бараат огромни инвестиции, a токму eдна од целите на Планот е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од над 4 милијарди евра за периодот 2021-2026 година, финансирани од Буџетот, ИПА фондовите и меѓународните финансиски институции, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор“, истакна министерот.

Покрај зголемување на инвестициите, со Планот се очекува и зголемување на стапките на економски раст на среден рок на 5 проценти годишно и обезбедување фискална консолидација преку намалување на јавниот долг под 60 проценти од БДП на среден рок.

Како што појасни, Планот ги презентира постојните и новите механизми за пристап до капитал за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, преку инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, и ги квантифицира ефектите врз бруто-инвестициите и економскиот раст.

На Конференцијата, обраќајќи се на панел-дискусијата на тема „Зелено финансирање во Северна Македонија“, министерот Бесими се осврна на делот од Планот што е насочен кон зелената економија, односно за предвидените нови инструменти и фондови.

Зелените обврзници се нов финансиски инструмент за поттикнување и поддршка на проекти што ја поддржуваат „Зелената агенда“ и зелената транзиција, а се насочени кон проекти за унапредување на животната средина, поточно подобрување на енергетската ефикасност; намалување на загадувањето, систем за интегрирано управувањето со отпадот; поддршка на одржливо земјоделство, риболов и шумарство, заштита на водните и копнените екосистеми, обезбедување чист транспорт и одржливо управување со водите, негување технологии што се еколошки, итн.

Со Планот е предвидено меѓу другите да се формира и Фонд за енергетска ефикасност, во рамки на Банката за развој на Северна Македонија, а средствата меѓу другото ќе бидат наменети за идни енергетски ефикасни инвестиции, како и финансирање на инвестициите во енергетска ефикасност и обновлива енергија во јавните згради. Исто така, предвидено е финансирање и преку Фонд за поддршка на мали и средни претпријатија за нивен раст и развој, како и стратешки зелен инвестициски фонд со цел инвестирање во проекти на големи претпријатија.

Ова, како што рече министерот, е само дел од Планот што предвидува нови форми и начини на инвестирање, со којшто се проценува да бидат инвестирани 12 милијарди евра во проекти дизајнирани и имплементирани од јавниот и приватниот сектор.

„Владата на Северна Македонија е фокусирана на „Зелената агенда“, дигитализација, иновации и технологија, развој на човечки капитал, подобрување на инфраструктурата, социјална кохезија и добро управување. Посветеноста на Владата кон заштита на животната средина се отсликува и преку поддршката што е предвидена во Буџетот и преку посебната програма за зелен развој, како и во напорите за искористување на финансиските можности од меѓународните финансиски институции коишто ни стојат на располагање“, рече министерот Бесими.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window