Вести|

10 октомври 2021, Скопје – Министерот за финансии Фатмир Бесими ќе учествува на Годишните средби на ММФ и Светска банка, кои поради пандемијата и овој пат се организираат онлајн. На состаноците, што ќе се одржуваат во текот на наредната недела, министерот ќе ги истакне клучните реформи и активности коишто се поврзани со процесот на зајакнување на фискалната консолидација, Планот за финансирање економско заздравување и забрзување на растот, фискалната децентрализација, како и соработката и поддршката што ја имаме со овие значајни меѓународни финансиски институции.

Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст е насочен кон подобрување на наплатата на буџетските приходи, преку мерки за намалување на сивата економија и мерки за спречување и сузбивање на корупцијата, потоа намалување и реструктурирање на буџетските расходи, преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите со цел зајакнување на конкурентноста, социјална компонента за поддршка на најранливите категории население и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите како и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, финансирање и реализација на одредени проекти преку јавни приватни партнерства и основање Развоен фонд за стратешки инвестиции.

Еден од врвните приоритетни проекти за МФ е и имплементацијата на системот ИФМИС со поддршка од Светска банка и ЕУ. ИФМИС е Интегриран информациски систем за управување со финансии кој ќе обезбеди интегрирано следење на приходите и расходите од нивно планирање до целосна реализација со што ќе влијае врз подобрување на буџетирањето и реализацијата.

Фискалната консолидација е една од целите на Планот за финансирање економско заздравување и забрзување на растот 2022-2026 година, којшто покрај тоа треба да влијае и на забрзување на растот и постигнување просечни стапки на раст на БДП над 5 проценти годишно, како и зголемување на инвестициите.

Во процес на подготовка е и новата програма за управување со јавните финансии, за што од особено значење е техничката поддршка од ММФ. Активностите на кои ќе се даде приоритет во наредниот период, а за кои ќе се добие техничка поддршка, се од областа на имплементација на фискалните правила и Фискалниот совет од новиот Закон за буџети, зајакнување на управувањето со јавните инвестиции во МФ, зајакнување на капацитетот за планирање на ликвидноста, зајакнување на капацитетите за мониторинг на МФ во управувањето со фискалните ризици коишто се поврзани јавните претпријатија, претпријатија во државна сопственост, јавно приватно партнерство, како и контрола на трошењата.

Земјата доби значајна поддршка од овие меѓународни институции и во справувањето со кризата предизвикана од КОВИД-19 и што овозможи брз одговор на потребите за заштита на здравјето на населението, заштита на работните места и поддршка на стопанството.

Годишните состаноци на ММФ и Светска банка ги обединуваат гувернерите на централните банки, министрите за финансии, претставници на приватниот сектор, граѓански организации и академици, кои разговараат за прашања од глобален интерес, за светските економски изгледи, искоренување на сиромаштијата, економскиот развој и за ефективноста на помошта. Централни теми на состаноците што ќе се одржат од 11 до 17 октомври 2021 година се глобалната економија, меѓународниот развој и светскиот финансиски систем.

На состаноците присуствува делегација од РС Македонија којашто ја предводат министерот за финансии, Фатмир Бесими и гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Предвидени се повеќе средби, меѓу кои со потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, со директорот на Конституенцата предводена од Кралството Холандија, Кун Дејвидсе, со извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, како и со други високи претставници на Светска банка и ММФ.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *