Вести|

29 октомври 2021, Скопје – Јавниот долг заклучно со третиот квартал падна под 60% од БДП, определено со мастришкиот критериум на Европската Унија, позиционирајќи се на ниво од 59,3% од БДП. Ова ја покажува добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии и во време на пандемија.

Јавниот долг забележа намалување од 3,8 процентни поени во однос на вториот квартал од 2021 година, односно од 63,1 % колку што изнесува заклучно со вториот квартал.

Согласно денес објавените податоци на Министерството за финансии, јавниот долг изнесува 6.950,7 милиони евра, додека на 30.06.2021 година изнесувал 7.386,8 милиони евра.

Намалувањето на долгот се должи пред сѐ на исплатата на еврообврзницата издадена во 2014 година, во износ од 500 милиони евра. Значајно е дека и покрај рецесијата, Владата успешно настапи на глобалните пазари на капитал и средствата за оваа еврообврзница беа обезбедени со издавање нова еврообврзница во март 2021 година со историски најниска каматна стапка од 1,625%.

Министерството за финансии цврсто стои на својата заложба за стабилизирање на долгот и негово позиционирање на ниво до 60% од БДП што е во рамки на мастришкиот критериум.

На среден рок, односно до 2026 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 57,7%, додека државниот долг ќе се сведе на 50,7%.

Тоа ќе се реализира со помош на Планот за фискална одржливост со кој се обезбедува постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 4,9% во 2021 година на 2,2% во 2026 година, а преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и реструктурирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит. Сето ова е насочено кон забрзан економски раст, којшто, пак, согласно донесениот План за забрзан економски раст, во наредните пет години треба да придонесе за двојно зголемување на стапката на БДП во однос на просекот во изминатите 10 години и од 2,5% просечен годишен раст да имаме стапки на раст на БДП над 5 проценти до 2026 година, како и инвестиции што се проценуваат на 12 милијарди евра. Важно е дека од предвидените, 4 милијарди се инвестиции од јавниот сектор, а тие ќе генерираат дополнителни 8 милијарди евра приватен капитал. Концептот е така воспоставен што не генерира дополнително задолжување и даночни оптоварувања на граѓаните.

Кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 и справувањето со последиците од неа ја наметнаа потребата од обезбедување дополнителни средства за мерки во здравствениот сектор и поддршка на економијата и граѓаните, што влијаеше врз зголемување на долгот во скоро сите земји, вклучително и во нашата. Но исправните политики и навремените мерки, за кои се распределени над 1 милијарда евра, покажаа дека земјата се справува со кризата, а притоа обезбедува и фискална консолидација. Јавниот долг на крајот на 2020 година изнесуваше 60,2%, во првиот квартал од 2021 година 61,2 %, во вториот 63,1% и сега на крајот на третиот квартал се спушти на 59,3%.

Податоците за нивото на јавниот долг Министерството за финансии транспарентно ги објавува на својата веб-страница на квартално ниво. Воедно, во рамки на фискалниот бројач Министерството за финансии објавува месечни податоци за висината на државниот долг.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window