Вести|

18 ноември 2021, Скопје – „ Инклузивната рамка за БЕПС за земјите од Евроазија ги адресира слабостите на меѓународниот даночен систем, се справува со даночното избегнување и прелевање на профитот, ја подобрува поврзаноста на меѓународните даночни правила и обезбедува поголема транспарентност на даночниот систем“, истакна министерот Фатмир Бесими на 7-миот регионален состанок за Инклузивната рамка за БЕПС за земјите од Евроазија, организиран од Интра-европската организација на даночни администрации (IOTA) и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Коорганизатор на овој настан е Министерството за финансии, што е признание за напредокот што го постигна земјата во изминатиот период на полето на меѓународното оданочување.

На состанокот учесниците разменија мислења за политиките што се дефинирани со Инклузивната рамка за БЕПС и импликациите што ги имаат врз земјите членки, во насока на обезбедување целта на даночната политика да биде во линија на законите и реалната економска активност.

Воедно, како што кажа министерот, една од целите на состанокот е дискусија за предизвиците од дигитализацијата на економијата, а работата на инклузивната рамка e да ги адресира овие прашања, како и да се претстави сеопфатен систем за глобална минимална корпоративна даночна стапка.

„Во оваа насока, договорот кон којшто се пристапи во октомври, како концепт што се базира на два столба, е чекор напред, но секако сѐ уште има многу работа за да се дефинираат сите детали и да се имплементира Договорот за корпоративна даночна реформа“, рече министерот.

На состанокот учествуваат претставници од даночните администрации, министерствата за финансии oд евроазиските земји, носители на одлуки, како и технички експерти и претставници од ОЕЦД, регионални и други меѓународни организации, како и надворешни засегнати страни од бизнис- заедницата, граѓанското општество и академската заедница.

Учесниците имаaт можност да разменат искуства во делот на предизвиците од дигитализацијата на економијата, а поврзано со минималната стапка за корпоративен данок. Воедно ќе се зборува и за развојот на меѓународните даночни стандарди при следењето на имплементирањето на проектот БЕПС, како и за напредокот постигнат во спроведувањето на минималните стандарди на БЕПС и иницијативите за градење зајакнати капацитети.

Република Северна Македонија е една од 137-те земји кои минатиот месец го постигнаа историскиот договор за корпоративна даночна реформа. Оваа голема реформа на меѓународниот даночен систем се состои од два столба и се однесува на оданочување на дигиталните активности на мултинационални корпорации, како и применување минимална глобална корпоративна даночна стапка за големите мултинационални компании. Со овој договор и земјите во развој ќе добијат нови даночни права што ќе им овозможат да остварат повеќе даночни приходи од најголемите и најпрофитабилните компании, вклучувајќи ги и високо дигитализираните компании.

Дополнителни придобивки од оваа реформа ќе произлезат и од стабилизирањето на меѓународниот даночен систем и зголемената даночна сигурност за даночните обврзници и даночните администрации. Со глобалниот минимален данок ќе се стави крај на даночниот рај и ќе се намалат стимулациите за мултинационалните корпорации да го префрлаат профитот од земјите во развој.

Процените за економското влијание направени од страна на ОЕЦД покажуваат дека земјите со низок, среден и висок приход ќе остваруваат значителен износ на дополнителни приходи.

Договорот е одговор на промените што произлегоа од дигитализацијата и глобализацијата коишто имаа влијание врз економиите и животот на граѓаните и предизвиците што се однесуваа на правилата за оданочување на меѓународните деловни приходи, кои преовладуваа повеќе од сто години, а што резултираше големите мултинационални корпорации да не го плаќаат својот фер удел од данокот и покрај огромниот профит што го остваруваат.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window