Вести|

22 ноември 2021, Скопје – Ќе се намалува рокот во кој јавниот сектор може да ги исплати обврските што ги има кон приватниот сектор. Со Предлог-измените на Законот за финансиска дисциплина што ги подготви Министерството за финансии се предвидува постепено намалување на рокот на плаќање на обврските на субјектите од јавниот сектор чии сметки се во рамките на Трезорската сметка на Министерството за финансии од 60 на 30 дена и намалување на рокот на плаќање на обврските на субјектите од јавниот сектор чии сметки се во рамките на Трезорската сметка на Фондот за здравствено осигурување на Македонија од 90 на 60 дена.

Во Предлог-текстот на законот, којшто е објавен на ЕНЕР, се предлага започнувајќи од јануари 2023 година рокот за намирување на паричните обврски на субјектите од јавниот сектор чии сметки се во рамките на Трезорската сметка на Министерството за финансии да изнесува 50 дена, од јануари 2024 година 40 дена и од јануари 2025 година да изнесува 30 дена. Додека, пак, рокот на плаќање на обврските на субјектите од јавниот сектор чии сметки се во рамките на Трезорската сметка на Фондот за здравствено осигурување на Македонија се предлага започнувајќи од јануари 2023 година рокот за намирување на паричните обврски на овие субјекти да изнесува 80 дена, од јануари 2024 година 70 дена и од јануари 2025 година да изнесува 60 дена.

Со измените се врши усогласување со роковите за исполнување на паричните обврски согласно Директивата за задоцнето плаќање.

Во актуелниот Закон за финансиска дисциплина е уредено дека во деловните трансакции меѓу субјект од јавниот сектор и економски оператор од приватниот сектор, кога субјектот од јавниот сектор се јавува како должник, не може да се договори рок за исполнување на паричните обврски подолг од 60 дена.

Исто така, со него се пропишува дека во деловна трансакција кога Фондот за здравствено осигурување на Македонија и корисниците на средства од Фондот за здравствено осигурување на Македонија, јавните здравствени установи и Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетските клиники, завод и ургентен центар се јавуваат како должници, не може да договорат рок за исполнување на паричната обврска подолг од 90 дена.

Законот за финансиска дисциплина е на сила од мај 2014 година и со него се обезбедува сигурна наплата на побарувањата и истиот ја обезбедува ликвидноста на компаниите.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window