Вести|

28 ноември 2021, Скопје – Нов Интервентен фонд за поддршка на земјоделците ќе се формира во 2022 година. Средствата во висина од 250 милиони денари се обезбедија преку амандманска интервенција на Предлог-буџетот за 2022 година за кој расправата е во тек во собраниската матична комисија.

„Преку дискусија со издржани аргументи може да дојдеме до решение. Сите сме свесни дека земјоделството е важен сектор во нашето стопанство и дека има потреба да се интервенира кога на пазарот има пореметување, особено кога цените се на такво ниво што земјоделците не можат да ги покријат трошоците“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими во рамки на амандманската расправа којашто почна во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Тој потенцира дека со формирањето на Интервентниот фонд во Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, во 2022 година ќе се поддржи стандардот на земјоделците.

Ова ќе биде дополнителен инструмент покрај веќе постоечките субвенции во земјоделството коишто во 2020 и 2021 година беа на највисоко ниво досега. Притоа, во 2020 година, во услови на пандемија, беа исплатен 8,8 милијарди денари, додека во 2021 година со ребалансот се доделени 8,5 милијарди денари.

Во рамки на расправата министерот истакна дека тренд на зголемување има и кај средствата за зелен развој.

„Во 2021 година за првпат во Буџетот воведовме програма за зелен развој којашто беше планирана на ниво од 685 милиони денари, а во 2022 година средствата се проектирани на 3,6 милијарди денари. Генерално, има тренд на зголемување на средствата за зелен развој и заштита на животната средина. Така, во 2018 година средствата беа на ниво од 980 милиони денари, во 2019 – 1,1 милијарда денари, во 2020 – 1,5 милијарди денари, во 2021 – 2 милијарди денари и за наредната 2022 година проектирани се на 3,6 милијарди денари“, истакна министерот Бесими.

Дополнително, само за аерозагадување, преку нова програма, се предвидени 1,7 милијарди денари.

Воедно, министерот упати на тоа дека се обезбедени и средства преку Светска банка за енергетска ефикасност на јавни објекти. Со предвидените 25 милиони евра ќе се подобрува енергетската ефикасност на јавни објекти, меѓу кои и на здравствени установи, а проектот опфаќа и замена на начинот на греење на објектите, со цел тие да станат еколошки.

Реализацијата на проектот ќе започне од 2022 година, а во тек е поднесување апликации за проекти од страна на општините.

Расправата по поднесените амандмани, којашто започна вчера, согласно Деловникот трае пет дена. На Предлог-буџетот се поднесени вкупно 223 амандмани.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window