Вести|

15 декември 2021, Скопје – Градењето и зајакнувањето на капацитетите во сметководството и финансиското известување во јавниот сектор е една од стратешките цели на реформата во управувањето со јавните финансии во Република Северна Македонија. Во таа насока, Министерството за финансии заедно со Центарот за развој во областа на финансиите – ЦЕФ спроведува Програма за обука на сметководители во јавниот сектор во РС Македонија (PACT), за што денеска се одржа завршниот настан на кој беа врачени 19 сертификати на учесниците во обуката.

Присутните ги поздрави министерот за финансии, Фатмир Бесими кој рече дека одржувањето на денешниот настан е чекор напред во градењето и зајакнувањето на капацитетите во сметководството и финансиското известување во јавниот сектор.

„Министерството за финансии веќе ги најави реформите што планира да ги спроведе во периодот 2022-2023 година во областа на буџетското сметководство. Имено, реформата во областа на буџетското сметководство ќе биде во насока на замена на „готовинското начело“ со таканареченото „модифицирано пресметковно начело“. Ова начело ќе се воведе во системот на државниот трезор преку имплементацијата на новиот Информациски систем за управување со финансиите“, истакна министерот Бесими.

Тој појасни дека воведувањето на „модифицираното пресметковно начело“ ќе ја наметне потребата и од развој на капацитетите на сметководствената професија во јавниот сектор. Посочувајќи дека реформата на сметководствената професија ќе опфати задолжителна обука и полагање испит за сертификација на сметководителите во јавниот сектор, рече дека Министерството за финансии ќе ја продолжи соработката со ЦЕФ во областа на обуката и сертификацијата на сметководителите, како и во процесот на подготовките за спроведување национална сертификација на сметководителите од јавниот сектор во рамки на Академијата за јавни финансии.

Министерот Бесими, исто така, посочи дека во соработка со ЦЕФ во наредната 2022 година ќе започне организирањето обука за стекнување диплома за сметководители во јавниот сектор, и воедно упати покана до лицата што стекнале сертификат за сметководители во јавниот сектор да се пријават на истата.

Програмата е финансиски поддржанa од словенечкото Министерство за надворешни работи и истата се имплементира со поддршка на Центарот за развој во областа на финансиите и Овластениот институт за јавни финансии (CIPFA), а има за цел да придонесе за напредокот на Република Северна Македонија во европските интеграции.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window