Вести|

17 декември 2021, Скопје – „Економското опоравување се очекува да продолжи во 2022 година, коешто ќе биде движено од силната домашна побарувачка. Силната поддршка преку политиките го ублажи влијанието на пандемијата врз економијата. Буџетот за 2022 година продолжува да ја поддржува економската активност и соодветно се намалени расходите поврзани со пандемијата. Инфлацијата ќе почне да се намалува во втората половина на следната година и ќе се стабилизира на околу 2 процента во 2023 година и во периодот потоа“. Ова се суштинските поенти во Изјавата на Мисијата на ММФ објавена по завршувањето на консултациите во врска со член 4 од Договорот со ММФ.

Притоа, во Изјавата, Мисијата ги препознава преземените мерки од страна на Владата за справување со пандемијата.

„Силната поддршка преку политиките го ублажи влијанието на пандемијата врз економијата. Фискалните мерки за поддршка помогнаа да се спречат големи отпуштања од работните места и да се заштитат оние што се најранливи, додека монетарните и финансиските мерки ја одржаа кредитната поддршка за економијата“, се вели во Изјавата.

Понатаму, Мисијата нотира дека со Буџетот за 2022 година се обезбедуваат повеќе средства во здравствениот сектор, вклучително и средства за вакцини, а воедно се обезбедува рамка за флексибилен одговор на потребите поврзани со пандемијата.

Среднорочната фискална стратегија е клучна за обнова на фискалниот простор, при што се препорачува продолжување на напорите за фискална консолидација со што ќе се обезбеди фискален простор за одговор на идни шокови.

Мисијата истакнува дека понатамошните подобрувања во делот на управување со јавните финансии ќе значат поддршка на планот на Владата за зголемување на инвестициите и погенерално, ограничување на фискалните ризици.

Тие го поздравуваат досегашниот напредок во обезбедувањето транспарентност и отчетност во користењето на јавните пари, со препорака истиот да продолжи.

Во однос на економските движења за наредната година, се очекува вработеноста постепено да закрепнува, додека високиот раст на платите, зголемените дознаки и користењето дел од кумулираните заштеди да влијаат врз зголемување на расположливиот приход. Мисијата очекува солиден раст на извозот, иако, како што нотира, на истиот неповолно ќе влијаат нарушувањата во синџирот на снабдување, особено во автомобилскиот сектор, додека силната домашна побарувачка повлекува висок раст на увозот.

Притоа се предвидува растот да се зголеми од 4 проценти во 2021 година, на 4,2 процента во 2022 година, главно поттикнат од големата домашна побарувачка.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window