Вести|

27 декември 2021, Скопје – Динaмизирање на пазарот на капитал во РС Македонија до ниво на просекот на ЕУ преку подигнување на нивото на пазарна капитализација, преку ликвидноста на пазарите на капитал, структурата на изворите на финансирање на проектите кај компаниите, структурата на инвестициските портфолија на индивидуалните инвеститори, како и финансиска едукација е цел поставена со Стратегијата за развој на пазарот на капитал, што денеска беше усвоена од страна на Советот за рaзвој на пазарот на капитал со кој претседава министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Покрај поттикнување на процесите за понатамошен развој на пазарот на капитал, целта на Стратегијата е и преку современа регулација и проактивен надзор да поддржи одржлив развој на финансискиот систем за зголемување на придонесот кон забрзаниот раст на БДП и заштитата на корисниците на финансиските услуги.

Развојот на пазарот на капитал е значаен долгорочен економски фактор кој влијае на клучните економски движења. Во Република Северна Македонија, досега за унапредување на пазарот на капитал се одвивале активности кои првенствено биле на иницијатива на одреден учесник на пазарот и за определена конкретна област. Разбирливо, таквите активности даваат помал и краткотраен ефект, поради што подолго време се наметнуваше потребата од сеопфатен и меѓуинституционален пристап. Затоа, преку инклузивен процес помеѓу сите учесници во Советот се пристапи кон изработка на Стратегија за развој на пазарот на капитал чија цел е да ги претстави клучните полиња за развој, при што главниот фокус е ставен врз определување на можностите за проширување на понудата на долгорочни хартии од вредност и зголемување на побарувачката, пред сè за поголемо учество на домаќинствата и домашните и странски институционални инвеститори.

Тоа ќе значи зголемување на можностите за финансирање проекти на компаниите, но и поголема понуда на инструменти за домаќинствата и за домашни и странски институционални инвеститори. Поразвиен национален пазар на капитал им нуди на компаниите можност полесно и поуспешно да се справуваат со секоја нова ситуација, тие нема да зависат само од банкарското финансирање и воедно ќе ја зајакнат својата меѓународна конкурентност. Исто така, ќе се зголеми и понудата за секторот домаќинства, којшто има најмногу парични средства расположливи за инвестирање, а кои во моментов најмногу се пласирани во депозити. Опфатени се и можностите за странските инвеститори што имаат интерес, но напорите се вложуваат тие инвеститори да се донесат на локалниот пазар.

Клучна улога ќе игра и финансиската едукација и подигнување на свесноста за придобивките од инструментите што се нудат. Преку јасно и прецизно толкување на информациите што ги нудат финансиските пазари ќе се придонесе кон искористување на можностите и развој на пазарот на капитал.

Стратегијата ги содржи сите идентификувани специфични проблеми и нуди соодветни мерки што би се однесувале на нивното решавање, за кои има консензус помеѓу членовите на Советот.

„Документот е одличен и сега следи период во кој активно ќе се посветиме на имплементација на предложените мерки и активности, за кои верувам дека во иднина во голема мера ќе придонесат за натамошен развој на финансиските пазари, особено на пазарот на капитал“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на седницата на Советот за развој на пазарот на капитал.

Работната група што ја подготвуваше Стратегијата беше составена од претставници од Министерството за финансии, Министерството за економија, Народна банка на Република Северна Македонија, од Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Македонската берза и Централниот депозитар за хартии од вредност.

Инаку, Советот за развој на пазарот на капитал има задача да ја следи состојбата на пазарот на капитал и да предлага мерки за обезбедување негов континуиран раст и развој. Го сочинуваат министерот за финансии Фатмир Бесими, кој е и претседател на Советот, а членови се гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за економија Крешник Бектеши, претседателката на Комисијата за хартии од вредност Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Крсте Шајноски, претседателот на Македонската берза АД Скопје Иван Штериев, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување Максуд Али, директорката на Централниот депозитар на хартии од вредност АД Скопје Даринка Дамјановиќ, како и претставници од Македонската банкарска асоцијација – Скопје, друштвата за управување со инвестициски фондови, од пензиските друштва и претставник од големите трговски субјекти, предложен од Стопанската комора на Македонија, од Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window