Вести|

16 февруари 2022, Скопје – Можности за влез на британски инвестиции во крупни проекти од областа на енергетиката, инфраструктурата и животната средина се во фокусот на интерес на посетата на Мартин Викерс, специјалниот трговски претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, кој престојува во РС Македонија и денеска оствари средба со министерот за финансии, Фатмир Бесими.

На средбата беше искажан интерес и постоење можност британски компании да влезат со грантови и како јавни-приватни партнерства во крупни проекти што се реализираат во земјава во енергетскиот сектор, потоа во проекти од областа на зелената енергија и зелената агенда, железничката инфраструктура, особено со акцент за регионално поврзување во железничкиот сообраќај, како и директни странски инвестиции од британски компании, при што Викерс изрази интерес и за работењето на индустриските зони во земјава.

Министерот Бесими ги претстави Планот за забрзан економски раст и Инвестицискиот план (2022-2026) во кој се предвидени инвестиции од 8 милијарди евра, во кои може да се пронајде заедничкиот интерес на двете страни. Планот предвидува јавни и приватни инвестиции, од кои најголемиот дел се во секторот енергетика, потоа во патната и железничката инфраструктура, гасната инфраструктура, преработувачката индустрија, инвестиции во јавното здравство, комуналната инфраструктура, во пречистителни станици и селектирање отпад, како и инвестиции во туризмот. Тој претставува јасен и одлучен постковид чекор на Владата со кој се излегува од кризата предизвикана од пандемијата и со кој се трасира патот на македонската економија, согласно светските трендови за обезбедување квалитетни услови за живот за секој граѓанин и создавање здрава зелена енергија.

Обединетото Кралство годишно алоцира околу 5 милиони фунти на билатерални и регионални проекти. Меѓу другото, програмски активности се фокусираа на економскиот просперитет на земјата. Таа е меѓу најзначајните трговски партнери на нашата земја, позиционирана на второто место во последните три години, а вкупните директни инвестиции од Обединетото Кралство од 2003 до 2020 година изнесуваат скоро 400 милиони евра. Двете земји имаат склучено Договор за одбегнување на двојното оданочување и за заштита од фискална евазија во однос на данокот на доход и данокот на капитал.

Мартин Викерс е именуван за специјален трговски претставник во октомври 2020 година и е еден од 31 претставници со кои се опфатени 69 земји со цел да ја поддржат агендата на премиерот Џонсон во областа на трговијата и инвестициите на глобалните пазари. Неговата улога е да се заложи за проширување како во рамки на постоечките, така и при воспоставување нови односи во нови области, со посебен фокус на зелените енергии и зелената агенда, и како Обединетото Кралство може да ја поддржи РСМ на тој пат.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window