Вести|

20 февруари 2022, Скопје – Министерот за финансии, Фатмир Бесими од денеска до 22 февруари 2022 година ќе престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе оствари средби со високи претставници на ЕК.

Разговорите на министерот со неговите соговорници ќе бидат фокусирани на ЕУ перспективите на РС Македонија, очекувањата од француското претседателство за напредок во процесот на отворање на пристапните преговори, кои во моментов се блокирани од Бугарија, и нашата посветеност да продолжи дијалогот за решавање на отворените прашања, како и приоритетите на Министерството за финансии, коишто се насочени кон засилување на реформскиот процес во областа на управувањето со јавните финансии, реформите што се предвидени во Програмата на економски реформи, за што е започнат процесот на консултации со ЕК, како и фискалната консолидација.

Теми на средбите на министерот со високите претставници ќе бидат и енергетската криза и инфлацијата, кои се од глобални рамки, и за мерките што земјата ги презема за справување со последиците од оваа криза.

За време на престојот, министерот Бесими ќе се сретне со комесарот за соседство и преговори за проширување, Оливер Вархеји, комесарот за економија, Паоло Џентилони, комесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан и вршителот на должност генерален директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување, Маќеј Поповски.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window