Вести|

21 февруари 2022, Брисел – ЕУ перспективите на РС Македонија и очекувањата од француското претседателство за напредокот на процесот на отворање на пристапните преговори беа главните теми на средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими со комесарот за соседство и преговори за проширување, Оливер Вархеји, што се одржа во Брисел.

На средбата беа потенцирани приоритетите на Министерството за финансии насочени кон засилување на реформскиот процес во областа на управувањето со јавните финансии, забрзувањето на растот преку инвестиции и истовремена фискална консолидација, како и реформите предвидени во Програмата на економски реформи за периодот 2022-2024, за што веќе започнаа консултациите меѓу Владата на РС Македонија и ЕК, а кои значат приближување кон ЕУ стандардот.

„Ќе се фокусирамe на имплементацијата на Економскиот и инвестициски план за да овозможиме исполнување на целите од агендата за пристапување во ЕУ, вклучувајќи го и спроведувањето на Зелената агенда, дигиталната транзиција и другите стратегии и политики на ЕУ за земјите од Западен Балкан“, истакна министерот Бесими на средбата и изрази благодарност за поддршката што ја добива нашата земја од ЕУ во справувањето со последиците од пандемијата на ковид 19, како и во спроведувањето значајни инфраструктурни проекти.

Владата, исто така, е силно посветена на зајакнувањето на административните капацитети на ИПА структурите и го цени позитивниот исход од напредокот на ИПА програмата 2021 година. Усвоен е Акцискиот план за формирање нова ИПА структура, а националните структури посветено работат на имплементација на тековната ИПА 2 програма со цел да се искористат што е можно повеќе од доделените средства.

На средбата, министерот Бесими истакна дека новата Влада останува посветена да го продолжи патот кон ЕУ и дека за тоа нема друга алтернатива. Очекувањата на РС Македонија од француското претседателство се да продолжат напорите за остварување напредок во овој процес. Владата е подготвена да го продолжи дијалогот со Бугарија за надминување на сите прашања, за што во тек се дискусии за секторска соработка со цел да се дојде до решенија што ќе бидат консензуални и прифатливи за двете страни.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window