Вести|

27 февруари 2022, Скопје – Подготвени сме да носиме мерки и политики во интерес на граѓаните, првенствено за заштита на најранливите категории граѓани, како и за поддршка на економијата, пишува во својата колумна посветена на руско-украинската криза, министерот за финансии, Фатмир Бесими.

„Во вакви кризи, од големо значење е темелна анализа, земање предвид на сите параметри, дури и на оние што во моментот се чинат мали и неважни, за да се дојде до што попрецизни очекувања. Не треба да шириме ниту песимизам, ниту оптимизам, туку треба да бидеме реални и да преземаме активности согласно ситуацијата. Со таква стратегија дејствувавме и за време на пандемијата, кога донесовме 6 пакети на антикризни мерки за поддршка на граѓаните и на стопанството и за што во сите извештаи на меѓународните институции добивавме признание дека сме дале силен и навремен одговор“, пишува министерот Бесими.

Во колумната се наведува дека во насока на заштита на стандардот на граѓаните веќе се преземени соодветни мерки, преку утврдување лимит за маржата на дел од основните производи. Исто така, државата го намали и ДДВ-то на електричната енергија за да и на тој начин се намалат трошоците што граѓаните ги плаќаат за струјата.

„Ние будно ги следиме случувањата и развиваме соодветни сценарија за можните исходи. Стоковите резерви се на соодветно ниво, Буџетот е ликвиден и имаме средства да реагираме доколку се јави потреба од тоа. Имаме и инструменти да ставиме на располагање со цел прилагодување во услови на поголеми пореметувања на пазарите“, посочува министерот Бесими.

Во анализата за изложеноста на нашата кон руската и украинската економија, министерот вели дека директната изложеност е релативно мала. Увозот и извозот кон секоја од овие две земји гравитира околу 1%. Исто така, нивната застапеност во странските директни инвестиции во земјава, како и во приливот на паричните дознаки е под 1%.

Сепак, во колумната се наведува дека предизвиците за нашата економија ќе дојдат преку европската економија. Развојот на настаните во Украина може да има негативни ефект врз европската и глобалната економија, преку дополнителни нарушувања на синџирите за снабдување, односно негативен ефект врз странската побарувачка. Како мала и отворена економија, која е високоповрзана со европската, ние би ги почувствувале тие нарушувања. Исто така, може да дојде до поголема претпазливост кај странските и домашните инвеститори, што би се одразило врз нивото на инвестиции.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window