Вести|

9 март 2022, Скопје – Гарантирана е стабилноста на курсот на денарот. И финансискиот систем е стабилен и подготвен да одговори на предизвиците што би можеле да произлезат од руско-украинскиот конфликт, исто како што и во целиот период на пандемијата успешно се справува со ризиците. Сите финансиски услуги непречено се обезбедуваат и ќе продолжат да се обезбедуваат и натаму, во согласност со потребите на граѓаните и на корпоративниот сектор. Надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да дејствуваат, да ги прилагодуваат политиките во согласност со случувањата и да ја одржат финансиската стабилност којашто е приоритет.

Ова се дел од констатациите од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на којашто се разгледаа најновите движења во финансискиот сектор во контекст на актуелните геополитички случувања, поврзани со конфликтот во Украина. На седницата учествуваа министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски, а со истата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска,

На седницата беше посочено дека од самиот почеток на руско-украинскиот конфликт, состојбите внимателно се следат и континуирано се оценуваат. Бидејќи се работи за неекономски шок, чијшто иден развој е тешко да се предвиди, прерано е да се извлечат заклучоци за долгорочните влијанија врз домашната економија. Сепак, она што е извесно е дека досега поизразени директни влијанија врз домашниот финансиски сектор нема и не се очекува да има, што се должи на многу слабите финансиски врски со Русија и Украина. Дополнителен фактор е отсуството на капитал од овие две земји во домашниот банкарски сектор. Ова е важна предност во овие околности, особено ако се земат предвид предизвиците со кои се соочија некои од соседните земји во кои беа присутни руски банки.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими посочи дека изминатите светски економски кризи – глобалната финансиска криза и економската криза предизвикана од пандемијата, нè научија дека здравиот финансиски систем може да апсорбира дел од надворешните шокови. Оттаму, особено е важна добрата координација помеѓу финансиските регулатори, во насока на будно следење на состојбите и преземање соодветни мерки и политики.

„Фискалната политика ќе биде поставена така што преку соодветни мерки и политики ќе се амортизираат ударите, што ќе доаѓаат однадвор, врз домашната економија и врз стандардот на граѓаните. Тие ќе дојдат преку европската економија и главно ќе се одразат врз потрошувачката, преку ценовните притисоци од увезените примарни производи. Преку фискалната политика ќе се заложиме за граѓаните и за стопанството така што ќе ги амортизираме тие притисоци. Веќе е изготвен сет антикризни мерки, којшто Владата набрзо ќе го презентира“, истакна Бесими.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека девизните резерви се на високо ниво, што ја гарантира стабилноста на денарот, додека домашниот банкарски сектор е сигурен, ликвиден и соодветно капитализиран, подготвен за справување со евентуалните шокови.

„За време на ковид-кризата банкарскиот сектор покажа дека умее да амортизира ризици, дури и кога тие се нови и дотогаш невидени, и по размер и по карактеристики. Банкарскиот сектор покажа дека е способен да ја поддржи економијата и во сложени услови и да одговори на барањата на граѓаните и на корпоративниот сектор. Според сите показатели, ваквите капацитети се задржани и дополнително зајакнати во овој период“, истакна гувернерката.

Таа додаде и дека одлуката на ЕК, со која се оценува дека банкарската регулатива и супервизијата што ја спроведува Народната банка е во согласност со стандардите на ЕУ, коишто ги исполнуваат само уште 26 земји во светот, а тоа е потврда за соодветните политики.

Осврнувајќи се на состојбите на македонскиот пазар на капитал по ескалацијата на руско-украинскиот конфликт и предизвиците што се наметнаа, претседателката на КХВ, Нора Алити нагласи дека генерално тие доведоа до првични негативни рефлексии врз тргувањето на берзата, придружено со еднократен пад од 8.39% на МБИ 10 на берзанскиот ден, кога започнаа воените дејствија, сè до нормализирано и вообичаено тргување, без драматичен предзнак. Кај нето-вредноста на отворените инвестициски фондови, заклучно со февруари, се забележува намалување од 2,4% во однос на јануари. Приливите се стабилни, додека одливите се благо зголемени (7,34%). Ваквите показатели за фондовите влегуваат во стандардните динамики и нема позначителни отстапувања од нивната кондиција. Имајќи предвид дека вредноста на вложувањата во хартии од вредност од руски компании изнесуваат околу 1,5 милиони евра или 0,76% во вкупната нето-вредност на сите отворени инвестициски фондови, очекувана е и таква пропорција на неповолен импакт, посочи претседателката на КХВ.

Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, истакна дека за време на здравствено-енергетската криза и актуелните геополитички случувања, капитално финансираното пензиско осигурување делува стабилно и транспарентно со идентификувани ризици коишто се анализираат и се контролираат на редовна основа и во рамките на регулативата, со посебно внимание на инвестирањето на средствата на пензиските фондови. Како резултат на новонастанатата состојба, МАПАС внимателно го следи и реагирањето на пензиските друштва во однос на нивните инвестициски стратегии и тактики со цел остварување највисок принос, единствено во полза на членовите на пензиските фондови.

Претседателот на АСО, Шајноски истакна дека осигурителниот пазар во 2021 година регистрирал значаен раст од 15%.

„Тоа што е уште поважно е дека друштвата за осигурување располагаат со капитал којшто е четирипати повисок од потребниот износ на маргината на солвентност, што ја потврдува високата солвентност на пазарните субјекти. Конзервативните политики и регулативата за вреднување на техничките резерви и вложувањата на средствата, како и високиот квалитет на инструментите вклучени во пресметката на капиталот на друштвата за осигурување се добра основа и гаранција за зачувување на солвентноста. Растот на бруто-полисираната премија предизвика раст и на расходната страна односно раст на исплатите на штети и на оперативните трошоци. Ова придонесува за влошување на финансиските перформанси. Развојот на настаните во Украина не се рефлектираат неповолно врз осигурителниот пазар, затоа што во поглед на управувањето со ризици, ниту на страната на обврските ниту на страната на средствата, не сме директно изложени на ризици од Украина.“, рече Шајноски.

На седницата беше истакнато дека сите финансиски регулатори ќе продолжат со натамошно координирано следење на состојбите и навремена размена на сите релевантни информации и дека се подготвени да реагираат соодветно на случувањата, секој во рамки на надлежностите на својот мандат. Се констатираше дека сите регулатори на финансискиот систем имаат доволен опсег на инструменти што може да ги користат доколку е неопходно, со што се гарантира дека финансиската стабилност ќе биде одржана и во следниот период.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window