Вести|

12 март 2022, Скопје – Законските решенија од сетот мерки што Владата ги донесе неделава, а се однесуваат на намалување на ДДВ и акцизата на основните прехранбени производи и горивата стапуваат на сила, а граѓаните може да очекуваат тоа да влијае на намалување на малопродажните цени и на домашната потрошувачка кошница.

Денеска на прес-конференција министерот за финансии, Фатмир Бесими, заедно со директорките на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска и на Царинската управа, Славица Кутиров ги претставија усвоените измени, на која го потенцираа значењето од брзата реакција на сите институции вклучени во процесот тие да бидат донесени и да почнат да се применуваат, по синоќешното усвојување во Собранието.

Министерот посочи дека со законските решенија ДДВ за основните прехранбени производи ќе изнесува 0%, кај ДДВ за електрична енергија во текот на цела 2022 година ќе продолжи да се применува стапката од 5%, за горивата ќе се користи повластена стапка од 10%, а воедно се намалува и акцизата за горивата за 1, 2 или 4 денари по литар, согласно берзанските движења.

Тој појасни дека намалената стапка на ДДВ за основните производи за човечка исхрана од 5% на 0% ќе се применува до крајот на мај, а се однесува на лебот, шеќерот, брашното тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, свежото месо, оризот и јајцата. Со оваа мерка, потенцира министерот, ќе се изврши надолен притисок врз малопродажните цени на овие производи со што ќе се делува и на намалување на вредноста на потрошувачката кошница, а за да има позначаен ефект оваа мерка ќе се спроведува паралелно со мерката за замрзнување на цените на овие производи. Фискалните импликации од оваа мерка се 430 милиони денари.

Продолжувањето на примената на повластената стапка на ДДВ од 5% кај електричната енергија кон домаќинствата до крајот на 2022 година, е мерка што беше донесена уште минатата година за да се заштити животниот стандард на граѓаните преку ублажување на ценовниот удар од растечката цена на електричната енергија на светските берзи. Министерот рече дека вредноста на оваа мерка изнесува 2,7 милијарди денари на годишно ниво.

Тој дополни дека Владата ќе даде препорака и за воведување блок тарифи, за да се постигне пониска цена на струјата за помалите потрошувачи, со цел да се обезбеди поголема енергетска ефикасност и пониски трошоци за домаќинствата со пониски примања.

Мерката за намалување на стапката на ДДВ од 18% на 10% на енергенсите, односно на безоловниот бензин, гасното масло, течниот нафтен гас и метанот е со цел заштита на куповната моќ на крајните потрошувачи, но и на земјоделците што произведуваат во мал обем. Мерката има фискални импликации од околу 400 милиони денари.

Дополнително, ваквата цена на горивата ќе влијае и врз намалувањето на акцизата за 1, 2 или 4 денари. „Ова“, рече министерот, „директно ќе влијае врз малопродажната цена на овие енергенси, и тоа за околу 1,2 денари, односно 2,3 денари или 4,7 денари, согласно берзанските движења. Вредноста на оваа мерка е околу 900 милиони денари.

Дополнително се укинува плаќањето ДДВ при увоз на енергенси со што се подобрува ликвидноста на стопанството.

Бесими, посочувајќи дека глобалната ценовна криза е реалност, рече дека сите треба да сме свесни за ситуацијата и да се однесуваме одговорно, и институциите на државната управа и граѓаните и трговците.

„Она што Владата треба да го прави – го правиме. Донесовме мерки во вредност од 400 милиони евра за да ги амортизираме притисоците врз стандардот на граѓаните и економијата и, како што гледате, со голема брзина ги операционализираме“, рече министерот и додаде дека со законските решенија е дефинирано како овие мерки ќе се применуваат и ќе овозможат брз одговор и реакција од институциите и во иднина.

Упати апел до граѓаните да бидат штедливи со енергијата, да не веруваат на лажните вести.

„Пред нас е уште еден предизвик, но како што сите заедно успеавме да пребродиме и други, би кажал посилни предизвици, ќе го пребродиме и овој. Само одговорно и сложно.“

Оцени дека ситуацијата со руско-украинската криза е неизвесна, но дека има и позитивни очекувања – Европската централна банка очекува еврозоната да оствари раст годинава, а инфлацијата да остане умерена, со едноцифрена стапка, што е добра вест за нашата економија со оглед на изложеноста кон европската.

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на прес-конференцијата истакна дека Управата за јавни приходи, во изминатиот период, заедно со сите чинители на општеството, посветено работеше на мерките што се однесуваат на даноците.

„Во таа насока,  ја намаливме повластената стапка на ДДВ за лебот, брашното, шеќерот, маслото за јадење, трајното млеко, оризот и јајцата со што директно влијаеме врз крајната цена што граѓаните треба да ја платат за основите производи за исхрана. Овие производи целосно ги ослободивме од ДДВ. Со оваа мерка, заштедуваме пари на граѓаните и на тој начин ја зачувуваме куповната моќ“, рече Лукаревска.

Директорката на Царинската управа, Кутиров се осврна на спроведувањето на мерката којашто се однесува на намалување на акцизата при што потенцира дека оваа мерка ќе се имплементира веднаш по добивањето информација од Регулаторната комисија за енергетика.

„Мерката за намалување на акцизите врз основа на средна берзанска цена носи дополнително намалување на давачките за енергенсите: дизел, безоловен бензин 95 и 98, гасно масло (екстра лесно масло за греење). Намалувањето на акцизата ќе изнесува 1, 2 или 4 денари во зависност од средната берзанска цена утврдена од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Утврдувањето на износот на акцизата ќе се врши двапати месечно, а ќе се применува на 1ви и на 15ти во месецот. Мерка ќе важи до 31.5.2022 година“, изјави Кутиров.

Сетот мерки што ги усвои Владата е проценет на 400 милиони евра, од кои 100 милиони се откажување приходи планирани во Буџетот, додека 300 милиони се буџетски расходи. Тие, како што беше посочено на прес-конференцијата, ќе се реализираат онака како што се планирани.

Оваа вест е достапна и на: English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window