Вести|

13 март 2022, Скопје – Најновиот пакет антикризни мерки во износ од 400 милиони евра е дел од вкупната сума од околу 615 милиони евра вредни мерки, што досега Владата ги донесе и имплементира, со цел олеснување на ценовните притисоци од енергетската криза и растот на цените на храната на светските берзи. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во својата колумна посочува дека Владата уште од минатата година ги следи ценовните притисоци и носи мерки со кои се делува на одржување на цените на пониско ниво од пазарното.

Бесими посочува дека во сумата од 615 милиони евра влегуваат и фискалниот ефект од намалениот ДДВ за струја од јули минатата година, како и субвенциите за струјата и топлинската енергија, со цел задржување на цената на пониско ниво од пазарното.

„Оваа сума е блиску до сумата која Хрватите ја предвидуваат за справување со ценовните притисоци, или околу 635 милиони евра. За споредба, Грција предвидува 500 милиони евра, Словенија и Албанија предвидуваат по околу 200 милиони евра итн.“ наведува Бесими.

Понатаму во колумната тој ги анализира мерките што се најавени или се спроведуваат во земјите во регионот и во европските земји. Тие се однесуваат на трансфери за ранливи категории население, намалување на даноците за енергенсите и регулирање на малопродажните цени.

„Мерките во Словенија се насочени кон таргетирани финансиски трансфери. Тие, исто така, предвидуваат поддршка за пензионерите, корисниците на социјална помош, корисниците на инвалидски и детски додаток, за многудетните семејства и за згрижувачките родители. Србија донесе мерки за подобрување на енергетската ефикасност преку финансиска поддршка на домаќинствата, а воведе и мерка за замрзнување на цените на брашното, шеќерот, сончогледовото масло, свинското месо и млекото и забрана за извоз на некои основни производи. Црна Гора донесе мерки за намалување на акцизата за горивото и еднократна помош за пензионерите чија пензија е под просечната. Во Грција, Бугарија и Албанија воведени се модели со кои се врши субвенционирање на цените на електричната енергија за домаќинствата и бизнисите“, посочува Бесими.

Исто така, пишува дека при конципирање на најновиот пакет-мерки направени се и анализи врз основа на странските искуства. Тој наведува дека во овој пакет има даночни мерки, финансиска поддршка на ранливите категории, административни ограничувања со кои ќе се влијае врз цените и мерки за штедење енергија. Со спроведување на овие мерки ќе се амортизира порастот на цените на храната и горивата, ќе се поддржат фирмите а воедно ќе се влијае и за поголема енергетска ефикасност.

Инаку, даночните олеснувања од новиот пакет, како што се укинување на ДДВ за храна и повластена стапка од 5% за електрична енергија за домаќинствата до крајот на годината и 10% за горивата, како и намалување на акцизата за горивата, се веќе донесени и само неколку дена по објавата веќе се ефектуирани.

Бесими во колумната истакнува дека дури и во сценарио на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи, фискалниот простор дозволува дополнителна интервенција за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите.

„Тоа што е многу важно за сите нас во ова време на криза и високи цени на основните прехранбени производи и на енергенсите е дека сите можеме да дадеме голем придонес со сопствени чекори ако штедиме и порационално ги користиме енергенсите во овој период, со цел разликите во цените помалку да се одразат на сопствениот доход, без оглед дали е на ниво на индивидуа, семејство или претпријатие. Никој не вели дека ќе биде лесно, но тврдам дека од моја страна како министер за финансии, а и од страна на моите колеги од Владата, ќе има борба за да граѓаните што помалку ги почувствуваат притисоците од руско-украинскиот конфликт“, пишува Бесими и додава дека Владата тоа го докажала и со антикризните мерки за време на пандемијата со кои значително беа амортизирани ефектите врз економијата.

„На среден и на долг рок остануваме на добро поставената макроекономска и фискална рамка, во која предвидуваме фискална консолидација и забрзан раст, во насока на развој на нашата економија“, заклучува министерот за финансии Фатмир Бесими.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window