Вести|

14 март 2022, Скопје – Кризата е голема, нашата економија е мала и ние не можеме да влијаеме на светските пазари, но ќе се потрудиме за да придонесеме за олабавување на цените на домашниот пазар. Со сетот мерки што го донесовме, ние сме меѓу првите во регионот со ваква реакција со цел заштита на граѓаните и компаниите.

Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на гостувањето во емисијата „24 анализа“, при што истакна дека состојбата се следи и зависно од тоа како ќе се развива може да има и нови мерки.

„Кога се работи за ваков голем пакет, не можеме да смениме нешто преку ноќ. Ние сме меѓу првите што воведовме вакви мерки во регионот. Со измените воведовме механизам со кој која било влада ќе има инструмент со којшто ќе може да реагира брзо во кризни ситуации и да им пружи помош на граѓаните. Не застануваме тука. Кризата е голема, нашата економија е мала, и не можеме да влијаеме на светските пазари, но ќе се потрудиме и ќе се организираме за да придонесеме за олабавување на цените на домашниот пазар. Затоа е апелот за штедење и рационално користење на енергенсите“, истакна Бесими.

На гостувањето потенцира дека Буџетот е ликвиден и дека се прават анализи за ребаланс, којшто ќе ги отслика потребите во одредениот момент. Не прецизира кога би бил доставен, но наведе дека во услови на криза, како што беше здравствената, имавме и два ребаланса и прераспределба.

Потенцира дека она што беше најавено со препорака за штедење од страна на институциите ќе се преточи во владина одлука за рационално користење на ресурсите којашто ќе се однесува на сите.

Во однос на обезбедувањето средства во Буџетот за мерките, рече дека за дел од нив има, а за дел се прават реалокации и дека проекцијата согласно Буџетот за 2022 година е државата да се задолжи 600 милиони евра, кои можеби во целост ќе се бараат на надворешниот пазар, зависно од условите, но може да се случи и дел да се бараат на надворешниот, а дел на домашниот пазар.

Оваа вест е достапна и на: English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window